Времето денеска ќе биде облачно и студено со врнежи претежно од снег. Врнежите наместа ќе бидат пообилни, особено во западните делови. На планините ќе се формира значителна снежна покривка (над 30 сантиметри), а во пониските места од 3 до 10 сантиметри.
Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, особено долж Повардарието и температурите значително ќе опаднат, а ќе има и појава на голомразица. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 5, а максималната ќе достигне од 1 до 8 степени.
Во Скопје ќе биде облачно и студено со врнежи од снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне 3 степени.
Локални врнежи од снег, како што информира УХМР, ќе има и в недела претпладне. Од понеделник времето ќе биде стабилно со појава на магла по котлините и со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни и наместа ќе се спуштаат и под -15 степени.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелира до граѓаните да патуваат внимателно во текот на викендов, ако тоа е неопходно, со доволно гориво во резервоарите, а секако и со соодветна зимска опрема за возилата на повисоките места и планинските превои, бидејќи е можно да се формираат навеви од снег и патните правци во одреден временски период да бидат непроодни на повисоките делници.
– Потсетуваме дека луѓето кои живеат во повисоките места навремено да се снабдат со основни намирници (храна и лекови) и се препорачува внимателно движење на граѓаните пеш, бидејќи е можна појава на голомразица – велат од ЦУК.
Патот од Гостивар кон Стража (Кичево) и Маврово (кон Дебар) е затворен за тешки моторни возија, информираат од АМСМ утрово. Инаку, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ потсетуваат дека на 15 ноември минатата година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март годинава.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.