Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска во Давос, Швајцарија, дека побарал од специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак да го запре „обидот“ на косовскиот премиер Албин Курти да го „уништи дијалогот“.
– Курти сака да ни оневозможи да плаќаме плати и пензии за нашите луѓе во здравството, образованието, институциите на Србија, верувам дека тоа не е во интерес на Европа или светот. Јас побарав поддршка, не за Србија, туку за обичните луѓе – изјави Вучиќ за српските новинари на маргините на Светскиот економски форум во давос.
Тој додаде дека тоа „нема да значи тивко, туку гласно заминување на Србите од Косово“, пренесува Бета.
На новинарско прашање дали САД и Лајчак се свесни за заканата за српскиот народ доколку Косово почне да ја спроведува одлуката за откажување на платежните трансакции со Србија, Вучиќ посочи дека не е негово да зборува во име на други, но дека ќе продолжи да разговара за ова прашање и со претставници на Германија, Франција и Италија.
– На крајот, сите мора да разберат за што се работи. Станува збор за обид за укинување на дијалогот и обид за прогон на српското население од Косово и Метохија. И тоа е суштината на сè – оцени Вучиќ.
Претседателот на Србија, исто така, истакна дека синоќа имал „долг и значаен“ разговор во траење од повеќе од два и пол часа, од кои еден час бил само за Косово, со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан.
– Му кажав сè, а тој многу внимателно слушаше сè што имав да кажам. Зборував многу отворено и искрено – изјави Вучиќ.