Објавата ја проследува високата книжевна награда „донат“, која македонскиот писател ја доби за својата повеќегодишна и разнородна творечка дејност
Најновиот број на списанието „Хрватски књижевни лјетопис“ објави расказ и пригоден прилог посветен на нашиот писател Томислав Османли. Објавата го следи неодамнешното врачување на книжевна награда „донат“ за животно дело што кон средината на 2023 година, на македонскиот автор – како свое највисоко признание – му ја додели задарскиот разгранок на Хрватското книжевно друштво. Објавата во угледното списание вклучува образложение за доделената награда и творечка биографија на Томислав Османли, како и прозен текст од македонскиот автор. Станува збор за хрватскиот превод на расказот „Смук“, дел од неговата прозна книга „Каприча“, со која Османли уште пред петнаесет години го промовираше својот нов книжевен израз. Преку неколку прозни книги тој авторски израз допира до најновата објава на Османли, романот „Заборав“, неодамна публикуван во Скопје од реномираното книгоиздателство „ВиГ Зеница“.
Инаку, кон средината на тукушто изминатата година, при одржувањето на авторскиот портрет на Османли во Македонскиот културен центар во Загреб, претседателот на задарската книжевна асоцијација, писателот Никола Шимиќ Тонин, свечено му врачи почесна членска карта на таа книжевна асоцијација. Нешто подоцна, како трет автор од Македонија, претседателот на задарскиот писателски разгранок на ХКД до управата на својата литературна асоцијација го предложил и за нов почесен член во меѓународната редакција на списанието „Хрватски књижевни лјетопис“, кое сега го објавува пригодниот литературен портрет на македонскиот писател.
„Хрватски књижевни лјетопис“ е годишно списание за литература, уметност и наука, кое веќе пет години се појавува на хрватскиот книжевен простор. Годинава во него, покрај портретот на добитникот на наградата „донат“ за животно дело, ги има и образложенијата за наградите што им припаднаа на уште два македонски писатела: поетите Марина Мијаковска и Борче Панов. Основач и главен и одговорен уредник на списанието е веќе спомнатиот хрватски писател и преведувач Никола Шимиќ Тонин, поет, романописец и автор со разнородна и богата книжевна биографија.