Во изложбениот салон од Центарот за култура во Кичево синоќа беше отворена изложбата на ликовната уметница Лулзиме Османи со работен наслов „Зима со бои“. На оваа изложба беа претставени 40 дела создадени во студиото Лулу-Арт од Кичево кое го води професорката Османи. На отворањето уметницата му се заблагодари на директорот на Центарот за култура „Кочо Рацин“ од Кичево, Мазлам Османи, и посочи дека секогаш храмот на културата од Кичево им излегувал во пресрет, кога тоа било потребно.
– Почитувани сограѓани, љубители на ликовната уметност, родители, роднини и сите присутни на вечерашната изложба, добро ни дојдовте на изложбата насловена како „Зима со бои“ што ја организира студио „Лулу-Арт“ од Кичево. Како што ова студио е полно со бои, се надевам дека и животот на овие млади лица ќе биде исполнет со единствен колорит. Сакам да им се заблагодарам на сите млади уметници кои со својот труд и посветеност во текот на изминатите месеци придонесоа сите заедно да се искачиме на едно повисоко уметничко ниво. Без да ви одземам од вашето драгоцено време, сакам да ги доделам и благодарниците на учесниците креатори на изложбата и истовремено да ви посакам среќни празници. Инаку, оваа изложба ја сочинуваат 40 дела на слободна тема во техника акрил на платно – истакна професорката Љулзиме Османи.
Уметницата Оснани е активна на сите полиња а на неколку објекти во градот има нацртано уникатни мурали. З.А.