Ангелина Илијоска, ученичка во 3-б одделение кај наставничката Бисера Вишиноска од ООУ „Рампо Левката“, е најдобриот краснописец во Прилеп.
Во конкуренција од 83 ученици од трето до петто одделение од основните училишта во градот, таа имаше најдобар ракопис – краснопис. Натпреварот за учениците од основните училишта беше организиран од ГБ „Борка Талески“, во повеќе категории, меѓу кои и за најдобар краснописец.
Малата Ангелина е вредна, комуникативна, одлична ученичка, која редовно и одговорно ги извршува своите училишни и домашни задачи. Таа исто така е редовна ученичка во ОМУ„Ордан Михајлоски-Оцка“ и свири на пијано во класата на наставничката Христина Никоска.
Покрај сите тие обврски наоѓа време и посетува и неколку воннаставни активности – тренира гимнастика, оди на курс по англиски јазик, пее во хорот „Мали ангели“, сака да чита лектири и книги за нејзина возраст, ама и да црта…, а најмногу ужива кога е со семејството.
Ангелина вели дека и во иднина ќе обрнува особено внимание на часовите по македонски јазик, ќе се потруди да освои и други награди и, секако, ќе внимава на својот ракопис.
Ка.М.