Меѓународниот фестивал на детска песна „Гроздоберче“, како резултат на огромниот ентузијазам на група млади музичари од Кавадарци, своето прво издание го имаше во 1997 година, со надеж дека ќе прерасне во традиција. И навистина се случи тоа. На секое ново издание се пееја нови песнички во интерпретација на некои нови клинци и клинцези. На сцената имаше сѐ повеќе учесници, а и публиката беше сѐ повеќебројна. Во стилот на химната на манифестацијата – „Ова нема да се повтори“ – секој фестивал донесуваше нешто ново, различно од претходното.
Така беше и годинава – забавно со многу музика и танцување и, се разбира, неповторливо. Фестивалот „Гроздоберче“ се одржа на 24 и 25 ноември во домот на културата „Иван Мазов Климе“. На првиот фестивалски ден имаше три концерти, кои ги проследија повеќе од 1.000 посетители.
– Најновото издание на меѓународниот фестивал „Гроздоберче“ донесе 21 нова детска песна, кои ги отпеаја 25 солисти. Заедно со членовите на хорот и на балетските групи имавме околу 150 учесници на сцената. Во интернационалниот дел имавме учесници од Србија, Црна Гора и од Бугарија. Тоа значи дека од првото „Гроздоберче“ во 1997 година до денес на фестивалот учествувале над 4.500 учесници, а се создадени повеќе од 800 новокомпонирани детски песни. Гости на нашите гроздоберчиња годинава беа: Андријана Јаневска и Наталија Траиловиќ од Србија, која беше учесничка на фестивалот во 2010 година, а сега е изградена естрадна уметничка. Изминатите години гости на фестивалот беа и: Адријан Гаџа, Елвир Мекиќ, Ѓоко Таневски, Катерина Танева, Кристина Арнаудова, Александра Михова, Јасмина Мукаетова, Наташа Малинкова и други – вели Зоран Станоев-Дејзи, уметничкиот директор и идеен творец на фестивалот.

Значаен придонес во разубавувањето на сцената со интересни сценографии имаат кавадаречките уметници Ристо Соколов, Ванчо Кеков и Горан Боев, кој ја подготви и годинашната сценографија. Но најважно е дека бајката „Гроздоберче“ продолжува да се раскажува затоа што ќе следуваат настапи на градскиот плоштад, во рамките на новогодишните приредби што секојдневно ќе се организираат во Кавадарци. Исто така ќе продолжи и успешната соработка со детските фестивали во Србија, Словенија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и во Бугарија.

Ми.М.