Учениците од ОУ „Гоце Делчев“ од Кавадарци активно учествуваа во два еколошки проекта на „Еразмус“
Гостопримството во училиштата домаќини, но и размената на идеи и практики во другите европски земји во поглед на еколошките прашања со ученици и наставници од училиштата партнери од Турција, Португалија, Италија, Полска и од Романија не ги остави рамнодушни учениците и наставниците од ОУ „Гоце Делчев“ од Кавадарци, кои активно учествуваа во два еколошки проекта на програмата „Еразмус“.
Решенија против загадувањето на животната средина
Првиот проект насловен „Решенија против загадувањето на животната средина“ бараше од учесниците концепти за да се дојде до одржлив развој, обновливи извори на енергија и да се направи училиштето зелена и удобна средина за сите. Главните активности од овој проект се одржуваа во пет држави, и тоа: во Сицилија на темата „Одржувајте ја нашата животна средина чиста“ (рециклирање и управување со отпадот), во Турција на темата „Дишете и оставете да дише“ – насочено кон загадувањето на воздухот, во Португалија на темата „Глобалното затоплување и обновлива енергија за одржлив развој“ и последната активност во Македонија на темата „Преземете акција за изградба на чиста иднина“.
– Еколошките теми се сѐ почести на овие проекти затоа што луѓето сѐ повеќе сакаат да доминираат со природата и да водат удобен живот, заборавајќи дека ја уништуваат. Светот во иднина може да изгледа многу лошо ако не почнеме да се грижиме за планетата и затоа посакуваме со овој проект да ја издигнеме свеста кај учениците за да станат одговорни граѓани што ќе остават безбеден и чист свет за идните генерации.
Затоа целта на инспиративните работилници од овој проект беше да се обезбеди широко распространета и длабока заложба за нова етика, етика за одржливо живеење и вклучување на нејзините принципи во практиката. Исто така да се задржат активностите на човештвото во рамките на капацитетот на планетата Земја за да се овозможи нејзин развој, но и можност луѓето насекаде да имаат услови за исполнет и здрав живот. По секое враќање од друга држава низ цела Европа знаеме повеќе, можеме повеќе, поискусни сме, посреќни и со срца полни со убави спомени и другарски врски и копнеж по повторна средба. Се надеваме дека овие емоции ги понесоа сите учесници по напуштањето на нашата држава – истакна Милка Мркева, координаторка на проектот од ОУ „Гоце Делчев“ од Кавадарци.
Чиста вода, чиста иднина
Целта на проектот „Чиста вода, чиста иднина“ на програмата „Еразмус“, кој беше координиран од училиште од Португалија заедно со училиштата партнери од Македонија, Полска, Турција и од Романија, е да се претворат училиштата во одговорни потрошувачи на вода и да се издигне нивото на свеста дека неодговорната потрошувачка на вода може да доведе до криза што ќе влијае на милијарда луѓе во иднина.
– Новата реалност придонесе за имплементирање проект со цел да го промениме начинот на кој луѓето се однесуваат кон водата, да ја разбудиме свеста кај учениците за ефектите од неодговорната потрошувачка за иднината на човештвото, со што тие ќе станат активни промотори на одговорната употреба на водата, да иницираат локални кампањи за вода во нивните локални заедници и да го споделат своето искуство. Замислете колку поинаков би бил животот без достапна чиста вода. Тоа е апсурдно имајќи предвид дека водата се смета за најважен ресурс за одржување на екосистемите и воопшто за животот на луѓето и растенијата. Затоа работилниците, кои се организираа во рамките на проектот, во целост ја потенцираа потребата за чиста вода во заедниците и важноста на рационалното користење. Зачувувањето на водата е суштинска практика во сите региони, а практичните решенија се само порака што патува низ целиот свет – вели Милка Мркева.
Интересно е да се спомене дека учесниците во проектот во Португалија дебатираа за водата во минатото, во Турција за поврзаноста на водата и здравјето, во Македонија за придонесите на науката за водата, во Полска за водата во иднина и прекумерната потрошувачка и нејзиното загадување. Последната порака од работилницата во Романија беше дека училиштата може да бидат одржливи потрошувачи на вода. Нивната заедничка порака е дека се среќни што се дел од тимот на најинтересните и најкорисни европски програми и дека користејќи ги бенефициите од наученото и доживеаното во иднина ќе пренесуваат искуства и ќе градат поубава иднина.
Дрвото ми
шепоти
Едно дете од шест лета
застана до едно дрвце
што почнува да цвета.
Гранчиња му кршеше,
ливчиња скинуваше,
го виде една тетка
што тука поминуваше.
Отиде кај детето,
застана, го гушна
и само ова го праша:
– Дрвово го слушна?
А детето ја гледа и се чуди
од вакви прашања луди:
– Не, не слушнав ништо!
– Слушни го дрвцето
како ти шепнува,
како за нешто те моли,
за нешто те сепнува,
дека нешто го боли.
Слушни го како си плаче,
му виткаш гранче,
му кршиш раче.
Детето се замисли,
а потоа изјави дека
веќе никогаш
нема така да прави.
Филип Димкоски
(Од збирката „Заедно да растеме“)