Предлог да се создаде формат на НАТО – Западен Балкан на кој ќе учествуваат не само земјите членки на Алијансата од регионот, туку и Белград, Приштина и Сараево, бил изнесен на денешниот неформалниот состанок на НАТО лидерите од регионот од албанскиот премиер Еди Рама.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, на заедничката прес-конференција по состанокот во Скопје, рече дека ќе го разгледа предлогот на албанскиот премиер, а кој бил поддржан и од претседателот на Хрватска.
– Секако тоа треба да го разгледаме заедно и треба почесто да се среќаваме и да ги поканиме и партнерските држави – рече Столтенберг, кој во своето обраќање порача дека Западен Балкан е важен за НАТО.
Премиерот на Албанија Еди Рама, на заедничката прес-конференција рече дека генералниот секретар со голем интерес го дочека предлогот да се создаде формат на НАТО самит со Западниот Балкан каде, како што појасни, ќе бидат присутни и ќе учествуваат не само земјите членки на НАТО во овој регион туку и земјите партнери на НАТО.
– Всушност и другите земји од Западен Балкан кои денес не се присутни, како и другиот дел од земјите членки кои што се во границите на нашиот регион, а кои што имаат непосреден интерес за стабилноста и демократскиот напредок на регионот – рече Рама.
Претседателот на Хрватска Зоран Миловановиќ, предлогот на албанскиот премиер Еди Рама, го сметам за паметен и добредојден без разлика што имаме повеќе иницијативи во разни форми и организации, кои меѓусебно се преплетуваат, па дури и поништуваат.
– Предлогот да се размисли за форма во која би учествувале овие земји, земјите од Југоисточна Европа и можеби уште некоја држава и многу важно Белград, Приштина и Сараево, верувам дека го заслужува вниманието на генералниот секретар на НАТО, кој ќе одлучи дали е тоа можно и спроводливо – изјави Милановиќ.
Предлогот, според Милановиќ, е чекор понатаму од иницијативата Брдо-Бриони, која веќе постои десет години и покажува дека е можен еден нормален разговор без повишени тонови и дека е добар.