Србија (мажи) и Бугарија (жени) првпат станаа европски прваци

Машката репрезентација на Македонија (2.401, рангирана на 32-то место пред почетокот на турнирот) го освои 34-то место, а женската репрезентација на Македонија (1.919 просечен рејтинг, рангирана на 32-то место) е 27-то место на Европското првенство (ЕП) во шах во Будва (Црна Гора). Во последното коло мажите загубија со 0,5-3,5 од Швајцарија (2.508, рангирана на 28-то место), а шахистките ја победија Финска (2.060, рангирана на 28-то место) со 3-1.
Избраниците на селекторот Атанас Кизов освоија шест бода (16 поени по табли), односно три победи и шест порази.
– Проблем гледам во немањето доволно одиграни силни партии пред големи натпреварувања. Сѐ на сѐ`, засега тоа се нашите можности – вели селекторот Кизов.
ИМ Филип Панчевски, кој беше со највисок рејтинг во македонската репрезентација, даде свое видување за ЕП.
– Не сум задоволен од резултатот. Сметам дека имав добри партии и требаше да освојам повеќе поени. Екипниот резултат е приближно како што очекував пред почеток на турнирот – рече Панчевски.
Шахистките, предводени од селекторот Љубиша Андоновски. впишаа седум бода (12,5 по табли) или три победи, едно реми и пет порази.
– Сите шахистки максимално се залагаа, беа борбени и мошне настојчиви. Особено добро одигра младата Моника Жежовска. Самиот пласман кажува дека го остваривме посакуваното пред почетокот, а тоа беше да бидеме барем пет места над почетниот рејтинг. Првото место на Бугарките воопшто не ме изненадува, имаат квалитетен состав, предводени од поранешната светска првенка Антоанета Стефанова – вели Андоновски.
Репрезентативката Сања Трајковска го подобри својот рејтинг за 17,2 поени.

– Задоволна сум од мојот настап, солидно играв, иако резултатски можев подобро. Задоволна сум и со целосниот пласман на репрезентацијата. Ги оправдавме очекувањата, делба на 23-то место е успех – смета Трајковска.
Србија (мажи) и Бугарија (жени) првпат станаа европски прваци. Србија (рангирана 10-та) меѓу 38 селекции, засилена на првите две табли со натурализираните шахисти, Александар Предке од Германија и Русинот Алексеј Сарана, освои 15 бода (24 по табли), втора е Германија (рангирана трета), исто така со 15 бода (21,5), а трета е Ерменија со 13 бода (20). Кај шахистките, Бугарија освои 16 бода (23), втор е Азербејџан со 15 бода (22,5), а трета Франција со 12 бода (22,5) меѓу 32 селекции.
Македонските репрезентации ги остварија најдобрите пласмани на ЕП 2003 (шахистите беа 12-ти меѓу 37 селекции, а шахистките 20-ти меѓу 31 репрезентација). Кај мажите пред две години победи Украина, а кај жените славеше Русија. Г.И.


Во знакот на Лазов и на Жежовска

  • најмногу поени: Лазов (6,5) и Жежовска (4)
  • најмногу рејтинг-поени: Лазов (26,5) и Жежовска (98)
  • најмногу победи: Лазов (4) и Жежовска (4)
  • најмногу ремија: Лазов (5) и Стојковска (5)
  • најмногу порази: Панчевски (5) и Манова (5)
  • најмалку порази: Лазов (0) и Жежовска (2)
  • сите партии ги одиграа: Лазов, Стојковска и Манова
  • најмалку партии одиграа: Велјаноски и Петровска (по пет)

Поединечен ефект на ЕП 2023

МАЖИ
ИМ Николовски 2.441 1/7 -15,8
ФМ Ристески 2.405 2/7 -3,8
ФМ Панчевски 2.379 2/8 -13,5
ИМ Лазов 2.377 6,5/9 +26,5
ФМ Велјаноски 2.289 2,5/5 +10,6
ЖЕНИ
ЖФМ Стојковска 2.047 2,5/9 +10,2
Манова 1.941 2,5/9 +4,4
Петровска 1.844 1/5 -0,2
Трајковска 1.844 2,5/5 +17,2
Жежовска 1.722 4/6 +98
колоните се рејтингот, поените и освоените рејтинг-поени