Клубот на литературни творци од Прилеп, кој месецов одбележа 12 години од своето формирање, со низа средби во прилепските училишта го одбележа Месецот на книгата.
Поетесата Божана Тренческа го посети ООУ „Јонче Смугрески“ во с. Обршани, по покана од наставничката Соње Бришкоска.
– Заедно со наставниците и со децата од различни одделенија остваривме прекрасна средба и убави разговори. Упатувам благодарност до наставниците и дечињата за убаво поминатиот ден. Јас сум многу среќна, а за тоа се „виновни“ дечињата со нивните убави искрени зборови и детски насмевки, сето тоа зачинето со многу топли прегратки – раскажа поетесата Тренческа.
Bo ООУ „Рампо Левката“ во Прилеп на гости беше поетесата Снежана Паноска, која на децата им подари примероци од својата книга „Светулки“.
– Им благодарам на наставничките Рената Колароска и Весна Цакоска Насеска што ме поканија да бидам гостинка на нивниот час. Прекрасно поминат ден во чест на книгата, со моја искрена надеж дека децата повеќе ќе читаат и ќе се оттргнат од телефоните и од компјутерите – порача Паноска.
Поетот Филип Димкоски, како што информиравме во минатиот број на „Колибри“, одржа интерактивна работилница со учениците од ООУ „Страшо Пинџур“ во с. Мало Коњари.
Токму на 15 ноември, Месецот на книгата го испратија учениците од 3-в одделение од ООУ „Рампо Левката“ во Прилеп. Нивна гостинка беше поетесата Андриана Ристеска, претседателка на Клубот на литературните творци од Прилеп.
– Со наставничката Анета Мицеска креативно го одбележивме Месецот на книгата. Заедно дискутиравме за значењето на книгата, читавме поезија, игравме славејќи ја книгата, се радувавме…Овој ден ќе ни остане на сите во убаво сеќавање – ни рече Андриана Ристеска.
Клубот на литературните творци од Прилеп активно е вклучен во книжевниот и културниот живот на градот, а неговите членови честопати се гости во училишта и разните институции, не само во Прилеп и околината туку и низ Македонија, но и надвор од нејзините граници.
Ф.Д.