Новиот премиер на Словачка, Роберт Фицо, изминатата недела ја претстави програмата за даноци и за потрошувачка, која ќе оди на одобрување во парламентот во почетокот на четиригодишниот мандат на неговата влада. Владата на новиот словачки премиер едногласно настапи со предлогот до јавноста и до Собранието за оваа исклучително осетлива област од економијата. Но некои од политичарите во Словачка, како и во Брисел, продолжуваат да ја бомбардираат јавноста со информации во кои се нагласува дека кабинетот на премиерот на Словачка, Роберт Фицо, вклучува политичари што се некомпетентни и дискредитирани, бидејќи претходно биле обвинети за криминал и корупција
По промената на власта во Словачка,
предизвиците за владата на премиерот Фицо во супердинамична фаза
Роберт Фицо стана премиер на Словачка по четврти пат минатиот месец, откако победи на изборите на 30 септември со неговата партија Смер, со предизборни ветувања дека ќе ја прекине воената помош за Украина и ќе се справи со илегалната миграција.
Фицо беше премиер од 2006 до 2010 година и повторно меѓу 2012 и 2018 година, поднесувајќи оставка по убиството на новинарот Јан Куцијак од „Актуелност“ и неговата свршеница. Убиствата, кои тогаш предизвикаа огромна политичка криза, ја ставија во центарот на вниманието слободата на медиумите во регионот.
Краток пресек од медиумите за историјата на министерскиот тим и за премиерот Фицо
Премиерот Фицо беше принуден да ја напушти функцијата во 2018 година поради масовните протести по случајот со убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак и неговата свршеница Мартина Кушнирова. Во мандатот на владата што следуваше по него, судовите осудија повеќе од 40 лица поврзани со коалицијата на Роберт Фицо, главно за кривични дела злоупотреба на власта и корупција, при што меѓу осудените имаше и судии, високи полициски и разузнавачки службеници, бизнисмени, адвокати и државни службеници…
Но, за мала група луѓе, за кои се верува дека ја финансирале и ја воделе партијата Смер (на Фицо), судењата сѐ уште траат, додека Фицо во меѓувреме се врати на власт. Меѓу нив е и Јозеф Брхел, богат бизнисмен што беше заменик-министер за економија за време на проруската влада на премиерот Владимир Мечиар во 1990-тите. Брхел беше обвинет за поткуп во март. Тука е и Норберт Бедор, поранешен борач од светска класа поврзан со словачката безбедносна компанија „Бонул“. Инаку, Бедор е обвинет за корупција и за влијание врз полициските истраги. Медиумите издвојуваат дека во адвокатскиот тим на споменатиот Бедор во еден момент бил и актуелниот министер за одбрана Калинак. А таткото на Бедор, Мирослав, кој почина во септември, беше зет на обвинетиот пратеник Смер Гашпар, најдолгиот началник на националната полиција на Словачка.
Откако ја презеде функцијата минатиот месец, новиот министер за внатрешни работи Матуш Шутај Ешток брзо го суспендира Бранко Киш, заменик-началникот на полицијата, заедно со неколку истражители. Меѓутоа, локалниот суд пресуди дека отпуштањето на Киш е незаконско и го врати на 8 ноември. Киш и други суспендирани истражители имаат статус на укажувачи (т.н. свиркачи), што значи дека не можат да ги загубат своите работни места без одобрение од Канцеларијата за заштита на укажувачите.
Невладината организација „Ние сме шумата“, со петиција потпишана од повеќе од 50.000 луѓе, се спротивстави на назначувањето на Куфа, политичар познат по невообичаени еколошки изјави
Според некои аналитичари, на Словаците што не гласаа за партијата Смер, или за Хлас или, пак, за нивниот помал коалициски партнер Словачка национална партија (СНС) може да им биде тешко да разберат зошто Министерството за животна средина, на пример, сега го води заменик-министерот и кандидат на СНС Филип Куфа, кој предложи намалување на популацијата на заштитените животински видови, како што се мечките, со селективно гаѓање и намалување на заштитата на националните паркови.
Онлајн петицијата започната во октомври од Ондреј Камениар од невладината организација „Ние сме шумата“ (My sme les), потпишана од повеќе од 50.000 луѓе, се спротивстави на назначувањето на Куфа, политичар познат по невообичаени изјави за еколошката заедница.
– Словачка ќе има околу 14 милијарди евра до 2030 година за намалување на националните емисии и за заштита на климата и животната средина, „овие ресурси мора да се користат разумно… Што бараат луѓе што не можат да разликуваат факти од измама“ – се наведува во петицијата на гореспоменатата невладина организација.
Куфа и неговиот татко Штефан Куфа, новиот заменик-министер за култура на Словачка, се појавија на суд во септември за да одговараат на обвиненијата за закани од земјоделец во близината на Михаловац во источна Словачка во 2021 година.
– Медиумите нè прикажуваат како тепачи и криминалци. Никому не му се заканував. Нема шанси – рече Филип Куфа пред судот.
И таткото и синот Куфа беа избрани во парламентот во 2020 година на листата на екстремно десничарската Народна партија на нашата Словачка (ЛСНС). Во 2017 година, генералното обвинителство се обиде да ја распушти ЛСНС поради „екстремистички политички ставови и фашистички тенденции“, но Врховниот суд го одби барањето.
Куриозитетни изјави на таткото на Филип, Стефан Куфа: „Ние ќе бидеме тие што ќе иницираат што поскоро да се устоличи Христос Кралот и да стане крал на Словачка“
Таткото на Филип, Стефан, повторно стана цел на критики по неодамнешното бизарно појавување. Овој екстремен десничар, како што пренесува „Телеграф“, рекол дека Исус Христос треба да стане крал на Словачка. Шеесет и едногодишниот државен секретар во Министерството за култура во дванаесетминутниот говор во базиликата „Свети Никола“ го повика свештенството да го поддржи крунисувањето на Синот божји. „Во име на Министерството за култура ветуваме, и тоа јавно го кажувам овде, дека ние ќе бидеме тие што ќе иницираат што поскоро да се устоличи Христос Кралот и да стане крал на Словачка“.
Неговите изјави веднаш предизвикаа негативна реакција кај претставничката на опозицијата во Европскиот парламент, Вероника Ремишова.
– Никогаш досега не се случило висок политичар да проповеда света миса и да ја злоупотреби црковната земја за свои политички цели – рече таа. Министерката за култура Мартина Шимковичова, исто така членка на проруската ултранационалистичка група, не одговори веднаш на прашањето дали стои зад изјавите на нејзиниот државен секретар, како што пренесува „Еурактив“.
Исус Христос, инаку, беше прогласен за крал на Полска во 2016 година, по парламентарното гласање одржано една година откако беше избрана десничарската популистичка партија Право и правда (ПиС). „Крунисувањето“ немаше правни последици, но на церемонијата присуствуваа и претседателот на Полска и други претставници.
Премиерот Фицо и медиумите
Заменик-министерот Филип Куфа не е единствениот што има нешто против некои од медиумите, тука е и самиот премиер Фицо.
Имено, словачките новинари и меѓународните набљудувачи изразија загриженост откако Фицо ги опиша водечките медиуми во земјата како „непријателски“ и се закани дека ќе го ограничи пристапот до нив. Тој на почетокот на неделава, како што објави „Гардијан“, изјави дека „некои од најголемите медиуми во земјата не се добредојдени во неговата канцеларија“.
– Најавив акции против непријателските медиуми – ТВ Маркиза, „Деник Н“, МСП и порталот „Актуалитет“ – рече тој.
Фицо тврди дека тие отворено изразуваат омраза и непријателство кон Смер и со задоволство ги шират тие трендови.
– Одлучив да им ја провериме дозволата за влез и работа во владината канцеларија – рече премиерот и додаде дека додека не се донесе одлука тие ќе бидат непожелни во владиниот кабинет.
Пратеничката во Европскиот парламент Моника Бенова, која минатиот месец се откажа од членството во групата на социјалисти и демократи по Партијата на европските социјалисти, кои одлучија да го суспендираат Смер поради здружување на силите со десничарската националистичка СНС, на Фејсбук напиша: „Апсолутно не се согласувам со ставовите… за прекршување на владеењето на правото во Словачка откако новата влада презеде функција. Напротив, принципите на владеење на правото се урнати во последните три и пол години (на претходната власт).
– Многу сум задоволна од сите назначувања, тие совршено ги одразуваат потребите на општеството што ја избра оваа влада. Не сум загрижен за имиџот на Словачка. Ние сме суверена влада, која ќе ги штити интересите на Словачка – изјави за „Политико“ пратеникот Ерик Калињак, син на Роберт Калињак и нов главен советник на Владата.
Членовите на Смер ги отфрлија сите критики за новата влада на Фицо. Р.С.
Медиумите „на тапет“ издвоија „пет контроверзни личностиво новата словачка влада“
1. Заменик-министерот за правда Павол Гашпар – адвокат што го застапува Норберт Бедор, словачки олигарх близок до партијата Смер, кој има влијание врз полицијата, е на видео на таен собир во ловечка куќа и му помага на поранешниот министер за внатрешни работи Роберт Калињак да подготви одговори за претстојниот полициски распит. Тој беше обвинет во 2022 година за лажно сведочење, но обвиненијата беа отфрлени бидејќи следените разговори (меѓу адвокатот и клиентот) беа заштитени.
2. Министерката за култура Мартина Шимковичова, долгогодишна ТВ-водителка, беше отпуштена во 2015 година поради „исмевање на бегалците на социјалните мрежи“.
„Доаѓаат… подгответе им сместување, полн пансион, додека трошите пари, разубавете ги (вашите) ќерки за да не им биде досадно овде“, напиша таа. Шимковичова исто така се осврна и на хомосексуалците во коментар за „Парадата на гордоста“ во Братислава во 2017 година, велејќи дека „со латексот и муцката нема да добиете почитување… вашите одвратни постапки во јавноста само ќе предизвикаат гнев и негативни емоции“.
3. Заменик-министерот за култура Штефан Куфа бил вклучен во спор во 2015 година со 79-годишна жителка на селото Павјањ, во источна Словачка, која се спротивставила синот на Куфа да изгради куќа без градежна дозвола и да се вози тешка опрема над нејзиниот имот. Госпоѓата рече дека Куфа ѝ се нафрлил и ѝ нанел модринки, па таа му удрила шлаканица. Куфа поднесе жалба против жената за напад на службено лице.
4. Заменик-премиерот и министер за заштита на животната средина Томаш Тараба бил сопственик на неколку компании со Петер Кошч, неофицијален советник на неколку директори на тајната служба СИС од 2006 до 2018 година. Кошч, за кого има меѓународна потерница за примање мито, сега е во бегство. Како Куфа, Тараба исто така беше избран во парламентот во 2020 година на листата на радикалната партија ЛСНС.
5. Заменик-министерот за животна средина Филип Куфа беше обвинет заедно со неговиот татко Стефан за испраќање закани до соседот фармер Радослав Ксијажек во 2021 година. Во јули тој започна специјална седница на парламентот за да се разгледа отстрелот на заштитените кафени мечки во земјата од страна на ловци наместо од специјалните интервентни тимови на Министерството за животна средина, чија мисија е да ја заштитат безбедноста на луѓето „на најпријателски можен начин за мечките“.