Ситуацијата на бојното поле во Украина е многу тешка и тоа е причината за зголемување на помошта за украинската страна, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на денешната прес-конференција во седиштето на Алијансата во Брисел.
– Во интерес на националната безбедност на сите земји од НАТО е да продолжат со помошта за Украина, како што беше одлучено на самитот на Алијансата во Вилнус претходно оваа година. Ова важи и за САД. Уверен сум дека САД ќе продолжат со поддршката – кажа генсекот на Алијансата.
Тој смета дека Русија се подготвува за продолжување на војната.
– Русија не се подготвува за мир, туку за продолжување на војната. Набљудуваме офанзивни дејствија кај Авдеевка. Тоа што ситуацијата на бојното поле е потешка од очекуваното не значи дека треба да се намали помошта, напротив. Не можеме да дозволиме рускиот претседател Владимир Путин да победи – додаде генералниот секретар.
Столтенберг тврди и дека Украина постигнала големи победи на бојното поле.
-Украинците досега постигнаа големи победи, успеаја да ги потиснат руските сили на север, југ и исток, ослободувајќи половина од заземената територија. Ова е голема победа за Украина, руските напаѓачи претрпеа тешки порази. Русија изгуби многу, Украина е стратешки неуспех за Путин. Путин ја нападна Украина надевајќи се на помала помош од НАТО, а го доби спротивното. Тој целосно ја потцени решителноста на украинскиот народ да ја брани својата слобода, како и силата и единството во поддршката на НАТО – изјави Столтенберг.