И покрај последниот извештај на Европската Комисија за стагнирање и назадување во правосудството, последниот избор на судии во Апелациониот суд во Скопје докажа дека Судскиот совет избра судии комплетно непочитувајќи го принципот на владеење на правото и надвор од сите меѓународни стандарди, вели судијката во Основниот кривичен суд Скопје, Оља Ристова.
Таа вели дека иако постапката за оценување на судии во Апелациониот суд траела две и пол години, при изборот не е почитувана ранг листата и прескокнати се повисоко рангираните кандидати без никакво образложение.
Судијката Ристова образложи дека одлуката за избор на осумте судии се’ уште не е конечна и најави жалба. Вели дека на конечната ранг листа била трето ранграна, по судиите Лазар Нанев и Габриела Гајдова, но прво рангирана од Основниот кривичен суд, како суд со најголем обем на сложени предмети.
Првите тројца кандидати, вели таа, имаме значителна предност од над 10 бода во однос на другите кандидати подоле на листата.
Во дописот до медиумите, судијката додава дека ќе поднесе жалба по повеќе основи, меѓу кои и дискриминација по основ на етничка припадност.
– Појаснувам дека јас бев избрана со мнозинство на гласови од членовите на Судскиот совет, но потоа повторно се гласаше по Бадентеровиот принцип. Од вкупно пет члена, три члена гласаа против за потоа да се донесе одлука дека не сум избрана. Во постапката по жалба ќе барам да се каже транспарентно, точно кои членови на Судскиот совет, од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот, гласале против и кое е нивното образложение – вели таа.
Додава дека во жалбата ќе ја оспори постапката при што ќе биде опфатена и седницата на која се одлучуваше по приговорите за прелиминарната ранг листа на кандидатите. Во текот на постапката по приговорите, вели таа, на дел од судиите без основ, надвор од деловникот, правилникот и усвоените ставови им беа уважени приговорите и „скокнаа“ за десет места нагоре на листата.
Од друга страна, на дел од судиите кои приговарале дека воопшто не добиле бодови за нивни ангажмани за менторство, предавања и изработка на образовни материјали за Академијата за судии и јавни обвинители, приговорите не им биле уважени со образложение дека не ја признаваат издадената потврда од Академијата за судии и јавни обвинители, иако е официјално издаден документ.
Ристова бара да се изврши детална проверка на познавањето на странски јазик на сите кандидати кои поднеле сертификат, со цел да се потврди веродостојноста на сертификатите и обвинува за пристрасност на членовите на Судскиот совет.
– Членовите на Судскиот совет ја манифестираа својата пристрасност уште на почетокот на седницата за избор која беше јавна, транспарентна и се пренесуваше во живо. Седницата ја започнаа без двоумење со критика новата методологија, која самите ја спроведуваа две и пол години, со што дадоа увертира дека немаат намера да ја почитуваат. Во текот на седниците јасно можеше да се забележи, пристрасноста на одделни членови на Судскиот совет, за точно определени кандидати, односно за „договорените„ кандидати се зборуваше најдобро, беа фалени, иако и други кандидати го имаат истото портфолио, од друга страна други кандидати несоновано беа напаѓани, а за некои воопшто немаше произнесување за нивната судиска работа – вели Ристова.
Таа заклучува дека Судскиот совет се потрудил новата методологија да ја прилагоди кон старите навики, а со цел да не бидат избрани најдобрите кандидати со тоа што старите навики и аномалии при изборот веќе се наградени со недобивање гласови по Бадентер, како систем на елиминација на најдобрите.
После една година турбуленции во Судскиот совет и следење на нивната активност, вели судијката, овој избор беше тест дали конечно Советот ќе одолее, како што тие самите изјавија, „на влијанија на бизнис-политичките елити“ и ќе започне да бира судии по квалитет со што ќе покаже професионалност и интегритет.