САД и сите западни земји кои го поддржуваат Израел „ја сносат целосната одговорност за војната против цивилите во Газа“, изјави денеска претставникот на милитантната исламистичка организација Хамас, Осама Хамдан.
Тој ова го изјави на прес-конференција во Либан по експлозијата во болницата Ал Ахли во Газа, пренесува Би-би-си.
Хамас, кој управува со Појасот Газа, го обвини Израел за бомбардирање на болницата.
Израелската армија тврди дека се работи за ракети истрелани неуспешно од страна на палестинскиот исламски џихад и дека се зголемува бројот на неуспешни ракетни лансирања од Газа.
Претставник на Хамас денеска повика во петок да се одржат протести ширум светот за подршка на Палестинците во Газа, јави ДПА.
-Го повикуваме нашиот палестински народ и народот во арапскиот и исламскиот свет во петок да протестираат во сите градови – рече денеска претставникот на Хамас за време на прес-конференцијата во либанскиот главен град Бејрут.
Тој додаде дека, пренесе германската агенција, протестите против „масакрите, воените злосторства и геноцидот во Газа“, исто така, треба да продолжат и во недела.
Хамас, движењето кое владее со Појасот Газа и е класифицирано како терористичка организација од страна на Израел, Европската унија и САД, повика на протерување на сите израелски амбасадори во арапските и исламските земји и запирање на сите дипломатски напори за нормализирање на односите со Израел.
Во координираните напади на Хамас врз Израел што ги почна од Газа, на 7 октомври, загинаа околу 1.400 лица, од кои огромното мнозинство беа цивили, во она што се опишува како најтешката катастрофа во израелската историја.
Оттогаш Израел со безмилосни воздушни напади паѓа огромен број цели на Хамас во Појасот Газа.