Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека денеска на Влада ќе биде поднсено законско решение за Законот за плати на избрани и именувани лица, за поправедено решение, со кое ќе бидат ослободени дел од средствата за антикризни мерки за најранливите категории граѓани.
-Минатата недела Владата донесе одлука и не задолжи работна група од четири министри за нови антикризни мерки. Утре ќе дадеме и законско решение за Законот за плати на избрани и именувани лица, за поправедено решение, со кое ќе ослободиме дел од средствата за антикризни мерки за најранливите катерогии, бидејќи тоа е клучно во временски периоди кога сите треба да покажеме солидарност – најави синоќа Битиќи во гостувањето во емисијата „24 Анализа“ на телевизија 24.
Тој нагласи и дека со пренамената на буџетот ќе има нов пакет на антикризни мерки од околу 70 милиони евра кои ќе бидат наменети за најранливите категории на граѓани.
-Остануваат денови до обзнанување на новиот пакет мерки – рече Битиќи, и нагласи дека оваа Влада предводена од СДСМ поинаку ги сфаќа ранливите категории и креира мерки таргетирани за нив.
Законот за минимална плата е закон кој, рече, мора да почитува и во јавниот и во приватниот сектор, а следното усогласување мора да се случи во март, кога минималната плата ќе се усогласи со стапката на инфлација и растот на просечната плата, додека пензиите се усогласуваат два пати годишно.
Вицепремиерот Битиќи меѓу другото, истакна дека значително растат и странските инвестиции во државата.
Пикот на инвестиции по влезот во НАТО, според него, беше одложен поради ковид-кризата, но дека сега доаѓа. При тоа посочи дека се водат финални преговори со јужнокорејските компании Хјундаи и ЛГ да донесат дел од производството во нашата држава, додека други компании како Герцхајмер, Техникал текстајл, Вик влегуваат во наредни циклуси на инвестиции.
Истовремено, вели Битиќи, се поддржуваат домашните компании и тоа поддржани се 919 македонски компании, кои имаат реализирано 500 милиони инвестиции, кои се доволно конкурентни за отворениот пазар на ЕУ.