Фото: Твитер/Стејт департмент

Американската влада разговара со своите партнерски земји, вклучително и Египет и Израел, за да овозможи безбедно излегување на Американците и другите цивили од Газа, изјави за „Си-ен-ен“ портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

– Сметаме дека е важно на американските граѓани кои се во Газа да им биде дозволено да си заминат и тоа е прашање на кое работиме. Тоа го правиме тивко, како и многу други дипломатски напори што ги преземаме. Тоа не е нешто за што е продуктивно јавно да се зборува – изјави Милер.

„Си-ен-ен“ наведува дека според неименуван американски функционер, Египет сака да се користи хуманитарниот коридор за испраќање храна и медицински материјали во Газа, но не сака да ја отвори границата во другата насока за да ги прифати цивилите кои бегаат оттаму.

Катар посредува меѓу Израел и Хамас за размена на жени и деца заложници држени во Газа во замена за палестински „жени и тинејџери затворени во израелски затвори“, изјавил дипломатски извор запознаен со дискусиите за дописничката на „Си-eн-eн“ од Тел Авив.

Се верува дека до 150 заложници се држат во Газа, изјави израелски официјален претставник.

Најмалку 22 американски државјани загинаа во војната меѓу Израел и Хамас што избувна во саботата, соопшти денеска портпаролот на Стејт департментот.

– Изразуваме длабоко сочувство до жртвите и до семејствата на сите засегнати – рече портпаролот.

Администрацијата на американскиот претседател Бајден сè уште не знае ништо за состојбата на Американците кои Хамас ги држи како заложници.

Има околу 20 Американци кои во моментов се водат како исчезнати, изјави советникот за национална безбедност Џејк Саливан. Тој додаде владата не знае колку од нив биле земени како заложници од Хамас.