САД повеќе ја немаат некогашната неоспорена воена супериорност, па дури би можело да дојде и до ситуација да загубат војна од Русија или од Кина, се предупредува во најновиот извештај на Комисијата за стратегија за национална одбрана, при американскиот Конгрес
САД повеќе ја немаат некогашната неоспорена воена супериорност, па дури би можело да дојде и до ситуација да загубат војна од Русија или од Кина, се предупредува во најновиот извештај на Комисијата за стратегија за национална одбрана, при американскиот Конгрес.
Комисијата, по барање од Конгресот, ја анализираше стратегијата на националната одбрана, која ја подготвија американскиот претседател Доналд Трамп и министерот за одбрана Џејмс Матис. Во суштината на доктрината на Трамп и на Матис е тоа дека Пентагон мора да се подготви за евентуален конфликт со други големи сили. Според авторите, САД не успеваат да ја одржат воената администрација. Кејтлин Хикс, која беше висока функционерка на Пентагон во мандатот на Барак Обама, предупредува дека САД се навикнале на воена супериорност, поради што ги пропуштаат знаците за предупредување. Комисијата предупредува дека американската војска би можела да претрпи неприфатливо високи загуби, па дури и да загуби војна против Русија и Кина.
– САД се изложени на посебен ризик ако нивната војска биде принудена истовремено да се бори на два или на повеќе фронтови. Вашингтон, во случај на конфликт со некоја друга голема сила, тешко ќе може да се ангажира и против други, помали непријатели. Додека Америка војуваше против терористите и на Блискиот Исток, Русија и Кина се подготвуваа за конфликти со други големи сили. Тие ги зајакнаа армиите и ги усовршија сајбер-нападите, пропагандата и економскиот притисок. Проблемот е што американската војска не располага со доволно средства и не вложува во иновации, додека Русија и Кина планираат да загосподарат во своите региони, а можеби и на светско ниво – се наведува во извештајот.
„Вашингтон пост“ наведува дека тоа што најмногу изненадува во извештајот е тврдењето дека Пентагон нема доволно ресурси и дека поради недостиг од пари би можел да загуби војна против Москва или Пекинг. Колку за споредба, американскиот воен буџет за годинава изнесуваше 716 милијарди долари, што е четири пати повеќе од кинескиот и десет пати повеќе од рускиот буџет за одбраната. Комисијата препорачува да не се реализира планираното штедење на Пентагон во иднината, а неговиот буџет секоја година да се зголемува за три до пет отсто.
– САД мора да ја зголемат флотата на подморници, за да ја задржат Кина во западен Пацифик, а исто така треба да се зголеми и бројот на војници на НАТО во Источна Европа и на Балтикот, за да се осуетат руските амбиции во Европа – се наведува во извештајот.
Авторите на извештајот исто така препорачуваат и купување бомбардери и други воени авиони и друго оружје, модернизирање на нуклеарното оружје и развој на вештачка интелигенција и други технологии, во кои САД заостануваат зад главните ривали.