Под мотото „Гласно НЕ, за дискриминација на децата/лицата со нарушен раст“, Здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања – РАСТ денеска десетти пат се придружи на глобалната иницијатива за одбележување на Светскиот ден за подигнување на свесноста за растот кај децата.
Претставниците на здружението укажаа дека доцната дијагноза и ненавременото лекување се сериозен проблем со кој се соочуваат децата со нарушување на растот. Ненавременото лекување на ова заболување доведува до сериозни последици кои не се само проблем на детето и семејството, туку проблем на целиот систем. Нарушувањето на растот е многу често најраниот симптом кој ни открива многу други заболувања кои стојат во позадина како причина.
-Досега на секој светски ден зборувавме за дикриминација во лекувањето, едни деца имаат право на лекување, а други со години се на листите за чекање. Трета година по ред е обезбеден буџет од страна на ФЗОМ и реализирана набавка во вредност од 61,8 милиони денари и раст од 6 проценти споредено со минатата година. Оваа терапија сега овозможува во просек лекување на 150-160 деца. Ова е голем чекор напред за децата, а сатисфакција на Здружението дека заложбите и макотрпната борба од една деценија финализраа со зголемување на буџетот – рече Александар Петровски од Здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања – РАСТ, на денешниот настан по повод Светскиот ден за подигнување на свесноста за растот кај децата.
Овогодишната тема е општествена дискриминација на лицата со нарушен раст.
Оваа година, посочи Петровски, ќе зборуваме за друг вид на дискриминација, односно општествена дискриминација на лицата со нарушен раст. Испровоцирани од последните збиднувања во Битола, донесовме одлука оваа година Светскиот ден за за подигнување на свесноста за растот кај децата да го посветиме на правата на детето и борбата против дискриминацијата. Токму поради тоа ова година Интернационалниот светски ден ќе се одбележи под мотото ,,Гласно НЕ, за дискриминација на децата/лицата со нарушен раст, рече Петровски.
Од Здружението упатија порака до родителите и старателите да се контролира висината на детето барем два пати годишно, притоа, како што велат, контрола на висината не значи детето да биде измерено и да добиете нумерички број.
– Барајте од матичните педијатри и семејни лекари бројот од добиените сантиметри да го внесат во табелата со крива раст која покажува каде е висината на вашето дете во однос на очекуваната нормална висина за неговата возраст. Раните знаци можете и вие како родители и старатели да ги процените едноставно и сами. На пример, доколку забележите дека детето носи ист број на облека подолго од една година, пониско е од неговите врсници, децата на помала возраст од помалите групи или одделенија го надминуваат со висината, консултирајте лекар – изјави Петровски.