ШАХ – ПОЧНУВА СП 2023 ЗА ВЕТЕРАНИ ВО СТРУГА

Покрај трите екипи во машка конкуренција, на СП од Македонија ќе настапи и една во женска, во категоријата над 50 години
Со партиите од првото коло денеска (од 15 часот) во Струга треба да почне Светското првенство (СП) во шах за ветерани, во категориите над 50 и над 65 години, во девет кола. Она што е новина во пресрет на СП е дека Македонија ќе има екипа и во женска конкуренција (покрај трите во машка), која ќе настапи во категоријата над 50 години, под името Македонија (рангирана 22. пред СП), во состав Маре Крстевска (1.598 рејтинг-поени), Снежана Брзовска (1.628), Лиле Лазаревска, Наташа Данчевска и Олга Ангеловска (1.265), со просечен рејтинг на екипата од 1.373 поени. Во оваа категорија има уште две женски екипи, од Кина (2.236, рангирана девета) и од Англија (2.060, рангирана 15-та). Со оглед на тоа што нема доволно женски екипи, тие ќе играат заедно со машките во оваа конкуренција на ветерани, но резултатите за пласман ќе се сметаат посебно.
Екипата од Кина, која е велесила во женскиот шах (шахистка од Кина е и актуелна светска првенка), е мошне квалитетна, а во составот се ЖВМ Шилан Лиу (2.083), ЖВМ Чунгхонг Нинг (2.266), ЖФМ Јун Гуо (2.244), ЖИМ Јанфенг Ан (2.259) и ЖИМ Лан Жао (2.176). Англичанките, пак, ќе настапат во состав ИМ Сузан Лалиќ (2.247), ЖВМ Шејла Џексон (2.034), ЖИМ Ингрид Лаутербах (2.019), ЖИМ Наташа Реган (1.968) и ЖФМ Петра Финк-Нан (1.971). И во категоријата над 65 години има две женски екипи, едната е од Германија (2.016, рангирана 16.), а другата од Летонија (1.968, рангирана 22.), од вкупно 26 екипи. За Германија, во чиј состав има две шахистки со титулата ЖИМ, ќе настапи и ЖФМ Мира Велеска-Киерцег (рејтинг 1.935), која е родена во Македонија, а многу години живее во Германија. Таа еден период ги бранеше и репрезентативните бои на Македонија, првиот пат на Шаховската олимпијада (ШО) во 1998 година на втора табла, а потоа и на ШО 2000 на третата табла. Летонската женска екипа, пак, е рангирана на 22-то место од 26 пријавени.
Од машките екипи во категоријата над 50 г. ќе настапат Македонија Алкалоид (рангирана четврта) и Македонија, екипа составена од слепи и слабовидни шахисти (20-та), а во категоријата над 65 г. ќе игра екипата на Македонија (12-та). Главен судија на СП е македонскиот интернационалец Иван Кочовски, а директор на турнирот е Зоран Стојчевски. Г.И.