Биљана Ангелова, професорката од Економскиот институт денеска официјално ја презема ректорската функција на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
На свеченото примопредавање на должноста ректор на УКИМ, Ангелова истакна дека ѝ е чест да се биде ректор на најголемиот, најстариот, најзначајниот државотворен универзитет на Македонија, кој, како што рече, е универзитет кој повеќе од седум децении негува традиција на врвен квалитет во високото образование и во науката.
-Мојата одговорност е да ги продолжам наследството од вредности, традицијата на врвен квалитет во високото образование и науката, да се заложувам за реализација на автономијата и за јакнење на универзитетот – рече Ангелова.
Оваа мисија, додаде таа, не е само голема чест, туку и уште поголема одговорност.
-Патот е долг, трнлив, полн со предизвици, но само ако го чекориме сите заедно и ако сите заедно работиме на унапредување на нашиот УКИМ, ќе го направиме посилен, подобар и повлијателен. Нашата мисија ќе биде отворен универзитет со високи вредности кој ќе стане видлив на меѓународниот високообразовен научноистражувачки простор – истакна проф. д-р Ангелова.
Поранешниот ректор на УКИМ, професорот Никола Јанкуловски, рече дека новата ректорка му била прв соработник за време на двата мандата, била проектор за финансии, инвестиции и развој и, како што истакна, одлично ја познава работата, функционирањето на Универзитетот, ги познава проблемите и сите предизвици што постојат на Универзитетот во неговото целокупно работење.
-Сметам дека ректорката ќе придонесе и понатаму во зацврстување и развивање на позицијата современ европски универзитет во високообразовниот европски простор со што мислам дека ќе станеме дел од големото академско семејство на универзитети кои што се реномирани во Европа и во светот – рече Јанкуловски.
На инаугурацијата на новата ректорка присуствуваше и министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој на Ангелова ѝ посака успех во работата.
Ангелова беше избрана за ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во мај годинава по спроведеното непосредно и тајно гласање. Нејзиниот мандат истекува на 15 септември 2026 година.