Уште една бариера да бидеме еднакви со останатите земји од Европската Унија во секој поглед е отстранета. Наскоро треба да се ослободиме од другите – да бидеме примени во Шенген и да се приклучиме на еврозоната. Тоа го изјави бугарскиот премиер Николај Денков, откако Европската комисија денеска соопшти дека го прекинува мониторингот за Бугарија и Романија преку механизмот за соработка и верификација. Мониторингот на двете земји беше воспоставен кога тие се приклучија на Европската унија во 2007 година.
– Во име на бугарската влада и се заблагодарувам на Европската комисија и на шефовите на европските земји за оцената на напредокот на Бугарија и Романија во спроведувањето на владеењето на правото и отстранувањето на специјалниот механизам за верификација за нашите земји – рече Денков, пренесе БТА.
Од овој момент, за Бугарија ќе се применува истиот механизам за проценка како и за сите други земји-членки на ЕУ во однос на почитувањето на владеењето на правото.
Процесот за прекинување на механизмот за соработка и верификација започна со нота од 6 јули годинава на Европската комисија, со која го информираше Советот и Европскиот парламент за својата намера да го затвори механизмот за Бугарија и Романија. Напредокот на двете земји во областа на владеењето на правото ќе се оценува само во рамките на годишниот циклус во оваа насока, применлив за сите други земји-членки на ЕУ, потсетуваат МНР и Министерството за правда на Бугарија.