Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун на денешната средба во рускиот космодром Восточни му вети на претседателот Владимир Путин помош во војната на Русија против Украина.
– Секогаш сме ги поддржувале и ќе ги поддржуваме сите одлуки на Путин и одлуките на руската влада. Се надевам дека секогаш ќе бидеме заедно во борбата против империјализмот и во изградбата на суверена држава – посочи Ким.
Тој додаде дека е сигурен оти руската армија и народ ќе го победат „злото“.
Ким истакна и дека со Путин се договориле за понатамошно продлабочување на стратешката соработка.
Додека Путин најави дека Русија ќе и помогне на Северна Кореја во изградбата на сателити.
Според аналитичарите на средбата се разговарало и за испорака на оружје и муниција од Северна Кореја во Русија.
Пред сè, Русите сакаат артилериска и ракетна муниција. Според западните процени, руската артилерија истрелала околу 11 милиони гранати на украинското бојно поле. Со оглед на тоа дека можат да произведат околу милион гранати годишно, Русија се соочува со недостиг на муниција. Бидејќи Москва не може да набави оружје и муниција од Кина, која не сака дополнително да ги нарушува односите со Западот, Русија се сврти кон Северна Кореја.