Европската Унија не може да си дозволи да му даде приоритет на членството на Украина, а притоа да ги занемари другите долгогодишни кандидатури како оние на земјите од Западен Балкан, предупреди австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг.
Во гостувањето во подкаст на „Политико“, Шаленберг рече дека блокот мора внимателно да ја разгледа и преиспита својата политика за проширување, иако верува дека и Украина и соседна Молдавија припаѓаат на „европското семејство“, пренесува Б92.
– Не можеме да ја имаме Украина на брзата лента, а другите земји во лентата за застанување. Тоа би било геостратешка катастрофа, оцени шефот на австриската дипломатија.
Осврнувајќи се на дистопискиот роман на Џорџ Орвел „Животинска фарма“, Шаленберг истакна дека ЕУ треба да избегнува систем каде што некои земји се „поеднакви од другите“.
Австрискиот министер потсети дека ЕУ пред околу 20 години им вети членство на земјите од Западен Балкан, но тоа ветување не го исполни.
Тој го повика Брисел да се држи до своите ветувања и да се откаже од „бинарното размислување“ за членството, сугерирајќи дека на земјите кандидати треба да им се дозволи одредено учество во планирањата и активностите на ЕУ.