Кај шахистите, Карлсен, Каруана и Абасов се пласираа во полуфиналето

ШАХ – СП ВО БАКУ

Руската шахистка Александра Горјачкина (2.557 рејтинг-поени) се пласира во финалето на Светското првенство (СП), кое по нокаут-систем се игра во Баку (Азербејџан), откако со 1,5-0,5 ја елиминира поранешната светска шампионка, Кинезинката Тан Жонгји (2.523) во рамките на шестата рунда. Втората финалистка требаше да биде позната по вчерашниот дополнителен тајбрејк со забрзано темпо, а играа Украинката Ана Музичук (2.504) и Бугарката Нурѓул Салимова (2.403), кои претходно и во двете партии со стандардно темпо на игра ремизираа. Поразената од нив ќе игра со Жoнгји, во борбата за третото место, што заедно со победничката и вицешампионката ѝ обезбедува пласман на Турнирот на кандидатките за предизвикувачка на актуелната светска првенка во класичен систем на натпреварување.
Кај шахистите, пак, Азербејџанецот Нијат Абасов (2.646) прв се пласира во полуфиналето на СП, откако со 1,5-0,5 го совлада Индиецот Видит Гујрати (2.723), матирајќи го во 44-от потег во втората партија. По избегнувањето на поразот во првата, Американецот Фабијано Каруана (2.782) со бели фигури ја доби втората партија против сонародникот Лениер Домингез (2.739) откако освои пешак. Норвежанецот Магнус Карлсен (2.835) го елиминира Индиецот Домарају Гукеш (2.751) со 1,5-0,5, благодарение на победата во првата партија. Карлсен подоцна јавно потврди дека за сите други полуфиналисти на ова СП ќе има место на Турнирот на кандидатите 2024, со оглед на неговото ветување дека нема да учествува на тој настан, пренесе „Чес“.
Младиот Индиец Рамешбабу Прагнананда (2.707) направи импресивно враќање со црни фигури против сонародникот Арјун Еригаиси (2.704), по поразот во првата партија. Неколкуте непрецизности на Еригаиси во завршницата беа доволни Прагнананда да го активира својот крал и да му направи сериозни проблеми на ривалот. Тие вчера играа дополнителен тајбрејк за пласман во полуфиналето. Најдобрите тројца во двете конкуренции ќе се квалификуваат за Турнирот на кандидатите на ФИДЕ 2024. Г.И.