Фото: Игор Бансколиев

Министерот за надворешни работи со писмо ги убедува пратениците да ги поддржат уставните измени

Министерот за надворешни работи Бујар Османи уште вчера испрати писмо до пратениците во македонското собрание, во пресрет на денешниот почеток на дискусијата за уставните измени со кои треба, меѓу другите, да се внесат и Бугарите во Уставот, како дел од условите за зачленување на Македонија во Европската Унија (ЕУ).
– Во петок Вие ќе одлучувате за европската иднина на С. Македонија, определба за која работиме и работеа сите Влади во изминатите 30 години. Од Вас ќе зависи дали со прифаќање на промената на Уставот ќе ги продолжиме разговорите по поглавјата за членство во Унијата или ќе запреме во преговорите на подолг рок, до некоја нова шанса, без никаква гаранција за успех, поттикнувајќи го процесот на „пасошизација“ на граѓаните кои бараат европска иднина за себе. Верувам и знам дека секој од вас сака да бидеме членка на Унијата составена од најдемократски и најбогати земји во светот која гарантира мир, демократски развој и економски просперитет – им напишал Османи на пратениците.

Шефот на дипломатијата ги разбирал стравовите од понатамошни нови обиди за негирање и наметнување нови билатерални услови

Министерот во писмото ги убедува пратениците дека, како што вели, македонскиот јазик и македонскиот идентитет се зачувани.
– Во процесот на преговорите имавме цел да ги зачуваме и зајакнеме македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет. Одговорно тврдам дека во тоа успеавме – истакнува Османи.
Шефот на дипломатијата уште додава дека ги разбира стравовите од понатамошни нови обиди за негирање и наметнување нови билатерални услови, што со очигледна аналогија значи дека досега имало стари обиди за негирање и деноминација и дека тие треба да ги прифатиме, а дека нови ќе нема?!
– Јас ги разбирам сите оние што стравуваат од можностите за натамошни обиди за негирање и наметнување нови билатерални услови. Најодговорно тврдам дека историските и идентитетските прашања не се дел од патоказите и одредниците од кои зависи отворањето и затворањето на поглавјата – посочува Османи.
На објавата на министерот Османи реагираше и поранешниот министер за финансии и коментатор на актуелните политички состојби Џевдет Хајредини.
– Само бугарските пратеници едногласно би го послушале Бујар Османи, зашто тие мислат дека тој од почетокот на преговорите „има одмерени погледи за разврска на јазолот“ – вели Хајредини.

Испорачани и други политички барања до пратениците во пресрет на денешната седница

Со свои барања во пресрет на денешната собраниска седница посветена на уставните измени излегуваат и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, партиите на Касами и Меџити, движењето Беса и Демократското движење, кои бараат денеска на собраниската седница да бидат ставени на дневниот ред и уставни измени за бришење на одредницата „20 проценти“, која ја ограничува, како што велат Гаши, Касами и Меџити, употребата на албанскиот јазик како официјален во земјата.
– Денес сме тука за да испратиме наши нарачки до Џафери и пратениците. Бараме од претседателот на Собранието итно да го стави на дневен ред уставниот амандман за јазикот. Бараме од него да не бега од прашањето за рамноправност на албанскиот јазик и да не бега од прашањето за кривична одговорност на државните функционери. Нашето барање е делата на корумпираните функционери да не застаруваат, а на тој начин ќе се избегнат и манипулациите со обвинителствата и судовите – рече Гаши.
Според претставниците на албанските опозициски партии во земјава, ако нема 80 гласа за уставни измени, тоа ќе значи дека треба да се оди на избори.
И додека министерот Османи повикува да се гласа за уставните измени, Демократскиот сојуз предлага на денешната седница пратениците да донесат одлука за распуштање на Собранието, со што ќе се создадат уставни можности во рок од 60 дена да се одржат вонредни парламентарни избори.
– Сосема е извесно дека нема граѓански и политички консензус за промена на Уставот, со што Бугарите ќе станат конститутивен народ во Македонија. Без реципроцитет за признавање на правата на Македонците во Бугарија, како и без поддршка на преговарачката рамка, од која ќе бидат отстранети билатералните прашања (историски, образовни, јазични итн.) наметнати oд Бугарија и надвор од Копенхашките критериуми, нема и нема да има промена на Уставот. Доколку пратениците водат сметка за автентичните национални и државни интереси, како и за евроинтеграциите, тогаш ќе ја донесат најиздржаната одлука, ќе го распуштат парламентот – велат од Демократскиот сојуз. С.Т.