Многу сум среќна што по подолго време „Охридско лето“ ќе функционира во текот на целата година, рече директорката на фестивалот, Наташа Поповиќ
Александра Ристоска
Светски познати млади музичари, а сепак се покажаа скромни и блиски со публиката, не само преку музицирањето туку и во непосредниот контакт. Такви беа пијанистот Александар Синчук и флејтистот Артем Науменко од Русија, кои завчеравечер одржаа хуманитарен концерт за паметење во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Со специјално одбрана програма на дела од Бах, Доплер, Алиабиев, Згралиа, Мартин, Прокофјев, Рахманинов и Кларк, младите виртуози од светот на класичната музика донесоа свежина, елеганција и виртуозност и ја воодушевија публиката на концертот во црквата „Света Софија“ во Охрид.
– Се обидовме да направиме специјална програма, најдоброто за охридската публика. Во Охрид настапувам првпат. Градот е прекрасен, времето исто така, црквата е совршена, сѐ е убаво овде. Со Синчук свириме во дует, но не често бидејќи тој живее во Белград, а јас во Париз. Настапувавме почесто заедно кога живеевме и студиравме на конзерваториумот „Чајковски“ во Москва“ – изјави флејтистот Науменко по маестралното музицирање во охридската катедрала „Света Софија“.
Пијанистот Александар Синчук, кој редовно музицира во најдобрите концертни сали во светот и чиј стил и музички израз ги споредуваат со оние на Рахманинов, не го криеше задоволството што имаше можност вторпат да музицира на најголемата музичко-сценска манифестација во Македонија и регионот, на фестивалот „Охридско лето“.
– Многу сме задоволни од настапот во Охрид. Сѐ беше убаво, а и публиката беше прекрасна. Вторпат свирев на престижниот фестивал „Охридско лето“ и впечатокот е повторно ист како и тогаш. Феноменална акустика, добро пијано, пријатна атмосфера – истакна виртуозот Синчук.
Рускиот пијанист Александер Синчук е лауреат на интернационалните натпревари по пијано. Неговата успешна кариера почнува по освојувањето на првото место на четвртиот интернационален натпревар „Сергеј Рахманинов“ во Москва, во 2008 година, по што 19-годишниот пијанист одржа соло-рецитал на подиумот во престижната сала „Карнеги хол“ во Њујорк.
– Тоа е настап што останува вечно во сеќавањата. Се разбира дека е предизвик да се концертира во „Карнеги хол“, нешто што цел живот ќе го паметам – додаде Синчук.
Концертот на двајцата руски музичари во рамките на фестивалот „Охридско лето“ се одржа надвор од стандардниот термин, од 12 јули до 20 август. Тој доби хуманитарен предзнак, а собраните средства ќе бидат наменети за лекувањето на 15-годишната охриѓанка, Сара Настеска.
Како што најави директорката на фестивалот, Нашата Поповиќ, негова тенденција е да се збогати културната понуда на Охрид и државата, не само во текот на летото, туку и низ целата година.
– Многу сум среќна што по подолго време „Охридско лето“ ќе функционира во текот на целата година. Сметам дека со тоа ќе се подобри и самиот фестивал, а од друга страна ќе се подигне и нивото на културата во градот и државата. Ќе настојувам, надвор од стандардниот фестивалски термин, секогаш да доаѓаат големи имиња за да се афирмира фестивалот многу пошироко.
Инаку задоволството од концертот на Синчук и на Науменко е огромно и не може да се изрази со зборови бидејќи овие млади уметници ни ги доловија сите бои и сите чувства што постојат и што можат да се искажат. Навистина се врвни уметници и пред нив претстои огромна кариера, изјави Наташа Поповиќ.