САД би можеле да преземат мерки за да ја спречат изградбата на гасоводот Северен тек 2, преку кој ќе се пренесува руски гас во Европа, предупреди новиот американски амбасадор во Европската унија(ЕУ).
– САД имаат неколку алатки и сѐ уште не сме ги искористиле сите алати кои би можеле битно да го поткопаат, дури и да го запрат тој проект – рече Гордон Сондланд на конференција во Центарот за европска политика во Брисел.
Берлин силно го поддржува овој проект кој би требало да биде завршен во 2019 година.
Но, Полска и Украина стравуваат дека ќе ги загубат надоместоците за транзит на руски гас преку својата територија. Други, пак, го критикуваат проектот заради јакнење на европската енергетска зависност од Москва.
Американскиот претседател Доналд Трамп го критикуваше проектот на самитот на НАТО во јули, тврдејќи дека Германија е под „целосна контрола“ на Москва.
Сонланд рече дека САД се надеваат на силен отпор на тој проект бидејќи зависноста од руска енергија не е добра долгорочна геополитичка одлука, со што се согласуваат и ЕУ и државите членки.
– Ако таа позиција не биде усвоена и ако Северниот тек продолжи, тогаш претседателот има многу, многу алатки на располагање…за да се обиди да го ограничи или запре тој проект – рече Сонланд, не откривајќи други детали.