На камената бина на плоштадот „Александрија“ викендов во Прилеп се одржа традиционалната поетска манифестација „Поетско Маркукуле“, на која присуствуваа околу 150 учесници и гости, од кои 13 од странство. Организатор на манифестацијата, која стана вистински бренд во поетските кругови не само во земјата туку и во странство, е Клубот на литературни творци од Прилеп, кој ја презеде палката во 2019 година, по откажувањето од страна на дотогашниот организатор ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“.

– Најпрвин се роди како секавична искра во мислите на Љубен Димкароски-Димкар, Македонец, прилепчанец, кој многу години живееше во Љубљана, за таа да пламне и кај група вљубеници во пишаниот збор, за да се направи една поетска манифестација на отворено. А каде ако не на Марковите Кули, на местото наречено Трон, во близината на грандиозната карпа Слон, од каде што како на дланка се гледа нашиот Прилеп. И така се роди една нова поетска манифестација, која првпат се одржа во 2007 година, на која своите поетски изблици ги споделија 25 поети, меѓу кои имаше и нови, неафирмирани, но и веќе афирмирани автори, кои им ја дадоа својата поддршка на првите, зашто само така, како еден природен спој, како едно цело, може да живее и да се развива нешто што е штотуку родено. Така започна првиот чекор кон една успешна поетска приказна, која полека но сигурно го освои поетското небо не само над Македонија туку и на поширокиот регион и светот. И така, повторно во втората сабота во август годинава, по шеснаесетти пат се собраа поети од различни градови и земји, кои ќе градат мостови на пријателството, а им се даде можност и на младите и неафирмирани поети да го кренат својот глас и заедно со веќе афирмираните поети да ги споделат со јавноста своите интимни исповеди. Без награди и наградувани, оваа манифестација од ревијален карактер веќе прерасна во грандиозен настан, препознатлив бренд во поетската и воопшто литературната јавност. Покровители се Општина Прилеп и Министерството за култура, како и неколку општествено одговорни компании – вели Андриана Ристеска, претседателка на Клубот на литературни творци во Прилеп.

И годинава, во рамките на манифестацијата, беше промовиран зборникот „Поетско Маркукуле 2023“. На 268-те страници од овој зборник има 220 песни на поети од 14 земји, меѓу кои секако најмногубројни се поетите од Македонија и од Прилеп, како домаќин на оваа традиционална меѓународна поетска манифестација. Авторите се поделени во три категории, и тоа: домашни автори, странски и автори од дијаспората и млади автори до 18 години. Во првата категорија учествуваа 162 автори, во втората 38 автори, а во третата 20 млади автори. Од странство учествуваат поети од Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Австрија, Австралија, Германија, Бугарија, Турција, Ерменија, Полска, Украина и Канада.

Ка.М.