Висок ирански функционер најави дека размената на затвореници меѓу Иран и САД ќе се случи истовремено со ослободувањето на замрзнатите ирански средства во јужнокорејските банки.
– Американските затвореници во Иран ќе заминат истовремено со целосниот трансфер на нелегално чуваниот имот во Јужна Кореја, слично на неодамна ослободените имоти во Ирак – објави на Твитер Мохамад Џамшиди, заменик началник на кабинетот за политички прашања на иранскиот претседател Ебрахим Раиси, пренесe „Фена“.
Размената на затвореници и одмрзнувањето на имотот беше најавено претходно во соопштението на иранското Министерство за надворешни работи.
Министерството соопшти дека САД веќе неколку години „незаконски ги замрзнале“ средствата на Иран во јужнокорејските банки, додавајќи дека „Иран ги добил потребните гаранции од САД за неговата континуирана посветеност на обврските во овој поглед“.
Се проценува дека Иран има имот во вредност од најмалку седум милијарди американски долари во две јужнокорејски банки, кои одбива да ги обработи поради страв од можни американски санкции.
Портпаролката на Советот за национална безбедност на САД, Адриен Вотсон, во изјава рече дека Вашингтон добил потврда за ослободувањето на „неправедно приведените пет Американци“ во Иран.
На прес-конференција истиот ден, американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека нема да има олеснување на санкциите против Иран во замена за ослободување на Американците.
Иранските власти тврдат дека Американците се уапсени и затворени под обвинение за шпионажа.
Во изминатите месеци, Иран постојано ја изразува својата подготвеност за размена на затвореници со Соединетите држави, сметајќи го тоа за хуманитарно прашање, под услов Вашингтон да постапи „реално“ – пренесува „Ксинхуа“.