На тепсија да ни ја даваат Македонија нема да ја земеме

Јас и нашето Политбиро сме на стојалиште дека треба да се заштити Георги Димитров. Јас во врска со тоа бев и разговарав со Михаил Горбачов. Му ги изложив нашите гледања и барав да не се дискредитира угледот на Димитров како водач на меѓународното комунистичко движење. И вие во Македонија треба да го заштитите, побарал Живков

Први и единствени бугарско-македонски разговори во комунизмот (3)

Откако македонскиот претседател на Извршниот совет ги изнел статистичките податоци од неколкуте пописи во кои како Македонци се изјасниле 178 илјади жители на Бугарија, реплицираше бугарскиот претседател. Живков ги повторил познатите ставови дека во НР Бугарија нема македонско национално малцинство, како што впрочем нема ни други малцинства, дека бугарската нација е хомогена, дека тоа прашање е одамна решено, „освен доколку одново вие не го поставувате“.
Тодор Живков тогаш низ импровизирана историска ретроспектива се обидел да појасни дека македонското прашање треба да се разгледува низ три историски етапи. Прво, да се земат предвид состојбите до Втората светска војна, време за кое во бугарската историографија секаде владееше мислење и став дека во Егејска и Вардарска Македонија живеат само Бугари, во што се вбројуваат и сите Македонци. Втората етапа е периодот на Георги Димитров, по војната, кој го ревидира тој став, односно ги призна правата на Македонците во НР Бугарија. Третата етапа е периодот по Априлскиот пленум на Партијата од 1963 година кога се поништени сите тие одлуки и кога е дефинитивно заземен став дека во Бугарија нема Македонци и не постои македонски јазик.
Нема статистика – нема македонско малцинство!
Тогаш е изградена конзистентна политика спрема соседите, па и по прашањето за националните малцинства. Такви во Бугарија нема. Ниту Македонци ниту кои било други. Тогаш Бугарија изразува категоричен став дека нема територијални претензии кон СР Македонија и кон СФРЈ.
– На тепсија да ни ја дадат СР Македонија нема да ја земеме, ние не сакаме да ја разбиваме СФРЈ – рекол Живков.
Чувствувајќи дека неговиот одговор за статистичката евиденција на населението според националноста не е јасен и целосен, Живков додал дека во Бугарија веќе не се води статистика на националните состави на населението. Но истовремено спомнал дека во Бугарија има голем број Македонци од егејскиот дел на Македонија. „Кај вас во Македонија има 100-120 илјади, а кај нас тој број е од 600 до 700 илјади дојдени во различни периоди по Првата светска војна, но и по Граѓанската војна во Грција. Може денес да зборуваме за околу милион нивни потомци“.
Живков зборувал и за промените во националниот состав на населението и за напорите за исправање на историските неправди сторени со исламизацијата на дел од Бугарите за на крајот да каже: „Ве молам да нѐ разберете, ние сега сме единствена Бугарија, единствена бугарска нација и тоа е свршена работа“.
 Бугарите се оградуваат од периодот на Димитров 
Како што се чита во белешките, во разговорот беа спомнати Георги Димитров и неговиот период кога во 1946 година Македонците во Пиринска Македонија ги добија своите национални права, беа отворени училишта, читалници и беа остварени други образовно–културни права.
(Мала белешка: Георги Димитров (18 јуни 1882 – 2 јули 1949) е бугарски политичар, раководител на Бугарската комунистичка партија и на Комунистичката интернационала (Коминтерна), како и премиер на Народна Република Бугарија германските нацисти со цел да се обвинат комунистите за палањето на Рајхстагот во 1933, многу успешно се одбранува и успева да биде ослободен од обвинението. Во 1934 е избран за генерален секретар на Коминтерната, функција што ја врши сè до нејзиното распуштање во 1943. По завршувањето на Втората светска војна и поразот на фашистичка Бугарија, по доаѓањето на власт на Отечествениот фронт во Бугарија во септември 1944 година, Димитров останува во СССР, а во Бугарија се враќа откако таа е прогласена за народна република, по референдумот од 15 септември 1946 година. Набрзо, во ноември 1946 година Димитров бил избран за премиер. Во декември 1946 во Бугарија бил извршен првиот повоен попис на населението. Првпат во историјата на Македонците во Бугарија им било дозволено слободно да ја изразат својата национална определба).
Живков за Димитров зборувал со иронична почит, давајќи му вербални признанија, кои всушност биле практични негирања на неговите потези за време на владеењето.
– Во Полска и во Советскиот Сојуз се отвораат архивите на Коминтерната и во некои документи се гледа дека тој се сомничи за страдањето на околу 600 Бугари. Сомневањата за негови злодела се шират сѐ повеќе и во самата Бугарија – подвлекол Живков.
– Сепак јас и нашето Политбиро сме на стојалиште дека треба да се заштити Георги Димитров. Јас во врска со тоа бев и разговарав со Михаил Горбачов. Му ги изложив нашите гледања и барав да не се дискредитира угледот на Димитров како водач на меѓународното комунистичко движење. И вие во Македонија треба да го заштитите – побарал Живков.
Македонци сепак има – и на високи функции
Кратко по оваа беседа повторно се вратил на проблемот на македонското национално малцинство настојувајќи таа проблематика да ја сврзе со одговорноста на Димитров и пред историјата и пред домашната јавност. Осврнувајќи се на изнесените статистички податоци за бројот на Македонците во Пиринска Македонија и пописите од 1946, 1956, 1965 година, како и на ставовите на ЦК БКП од 1945, на Пленумот на ЦК во 1946, како и за говорите на Димитров од август истата година, Живков рекол дека доколку се објават тие документи ќе падне угледот на Димитров, дека некој ќе бара да биде осуден за тие постапки. Тоа, всушност, значеше предупредување за македонската делегација да не инсистира на правата на Македонците зашто со тоа би се придонесувало уште повеќе за отворање на Димитровата одговорност и проширување на обвинувањата.
Во многу послободна атмосфера на организираниот ручек домаќинот Живков правел шеги поврзани со македонското прашање и со учеството на Македонците во Бугарија. Неколкупати кажал дека има Македонци на високи функции во Бугарија, спомнувал повеќе личности од периодот меѓу двете војни и непосредно по војната. Рекол дека и сега претседатели на две од деветте области во НР Бугарија се Македонци, додавајќи дека и Андреј Луканов е по потекло Македонец, по мајка од Ресен.
* * * 
Ете така заврши првата официјална посета на висока политичка делегација на Македонија на Бугарија. Како што можеше да се прочита од фељтонот, главното прашање беше положбата на македонското национално малцинство во Бугарија непризнаено тогаш и денес. По осамостојувањето на Република Македонија имало неколку обиди добрососедските односи да бидат регулирани и подобрени. Може да се каже дека тоа не е постигнато ниту со двата официјални договора што меѓу себе ги потпишаа двете држави. Првиот го потпишаа Љупчо Георгиевски и Иван Костов, вториот Зоран Заев и Бојко Борисов. И двата договора донесоа повеќе негативни одошто позитивни промени.
(крај)