Пари за повисоки плати во здравството, образованието и одбраната, повеќе пари за реформите во социјалната и детската заштита и пензискиот систем, како и средства за воведување „зелена нафта“ во земјоделството, се предвидени во Предлог-буџетот за 2019 година што денеска го презентираше Министерството за финансии пред коморите, синдикатите, невладиниот сектор и медиумите.
Со Предлог-буџетот, којшто втора година по ред јавно се презентира пред засегнатите страни, предвидени се повисоки плати за 10 проценти за лекарите специјалисти од јануари следната година и уште 5 проценти во септември за сите лекари.
Зголемување на платите за пет проценти од септември догодина предвидени се и за просветните работници. Пет проценти повисока септемвриска плата се очекува да земат и вработените во администрацијата, но во Предлог-буџетот за 2019 година не се предвидени пари за исплата на К-15 во јавниот сектор.
Вкупните приходи во државната каса за 2019 година се проектирани на 210,8 милијарди денари, а вкупните расходи на 228,5 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 3,2 проценти, а стапката на инфлација на 2 проценти. Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,5 проценти или 17,7 милијарди денари што е за 500 милиони денари помалку во однос на годинава.
– Обезбедуваме умерена и постепена фискална консолидација. Ако пред две години буџетскиот дефицит изнесуваше три проценти од БДП, сега го намалуваме на 2,5 од БДП и сметаме дека тоа е сериозно намалување и исправен чекор. Не одиме кон радикално намалување – појасни Тевдовски, додавајќи дека дефицитот ќе се покрива од домашни и надворешни извори во зависност од пазарните услови.
Со постепената фискална консолидација, како што појасни Тевдовски, се подготвува земјата за она што нѐ очекува во 2020 и 2021 година, односно исплата на доспеаните долгови направени од претходната власт.
Според проекциите на Министерството за финансии за плати и придонеси во јавната администрација предвидени се 28,3 милијарди денари, а за пензии 56,4 милијарди денари. Од Буџетот во Фондот за ПИОМ ќе се трансферираат 28,1 милијарди денари.
Дополнителни 2,2 милијарди денари се планирани за реформираниот систем за социјална и детска заштита, а се планира и воведување на социјална пензија за околу 6.000 лица кои имаат барем еден работен ден стаж и наполнети 65 години.
Капиталните инвестиции се проектирани на 25,7 милијарди денари, а министерот за финансии очекува дека следната година ќе се забрза реализацијата на овие проекти.
– Постојано Министерството за финансии прави притисок на сите институции коишто имаат вакви проекти да ги реализираат. Многупати тие се соочуваат со огромни проблеми како проектни документации и добро е што во моментов голем дел од таквите проблеми се решени кај големите проекти и очекуваме дека ќе забрза реализацијата на капиталните инвестиции – рече Тевдовски, одговарајќи на прашање каков ќе биде механизмот којшто ќе се примени за капиталните инвестиции да бидат целосно реализирани.
Од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) предупредија дека доколку не се мотивираат вработените во образованието, државата ќе се соочи и со одлив на високообразовни кадри од областа на образованието.