Според членот 129 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, по автопат, експресен пат и на пат резервиран за сообраќај на моторни возила не смеат да се движат пешаци, велосипеди, мобилни машини, мотокултиватори, трактори, запрежни возила и добиток, ниту возила што, според одредбите на овој закон, не се сметаат за моторни возила, освен мотоцикли, чија сила на мотор е поголема од 35 киловати
Летниот период секогаш е период кога граѓаните со спортски или авантуристички дух обично имаат можност да ги остваруваат своите желби и планирани егзибиции. Една од тие активности е и возењето велосипед до други градови во земјава. И сите тие подвизи се за поздрав, бидејќи најчесто станува збор за сериозни, па дури и натчовечки напори, меѓутоа токму при реализацијата на тие спортски амбиции и предизвици, можеби крајно небрежно, велосипедистите го прекршуваат Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, ставајќи се во опасност и себеси и другите учесници во сообраќајот.
ВЕЛОСИПЕДИСТИТЕ СВЕСНИ ЗА СВОИТЕ ПОСТАПКИ, НО РЕВОЛТИРАНИ ОД ИГНОРАНТСКИОТ ОДНОС НА НАДЛЕЖНИТЕ
Факт е дека кај нас нивото на сообраќајна култура е на доста ниско ниво. Тоа го докажуваме секојдневно како возачи. И покрај постоењето на законите, мала е бројката на оние што ги почитуваат.
Затоплувањето на времето за многумина отвори шанса да ги остварат своите неостварени желби, па, така, сѐ почеста е појавата на автопатиштата во земјава да се забележат велосипедисти што возат по нив.
Законски, автопатиштата низ земјава се предвидени за движење исклучиво на моторни возила. Меѓутоа, периодов, чести патници по автопатиштата се велосипедистите, кои непрописно итаат кон својата цел како да се наоѓаат на велосипедска патека.
Од обиколката што ја направи нашата екипа, нужно произлегува заклучокот дека во овие ситуации кај голем дел од оваа категорија учесници во сообраќајот нема почитување на законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Оние велосипедисти што ги затекна нашата екипа, а беа повеќе од десетина, возеа по автопатот Скопје – Тетово – Гостивар и се однесуваа како да имаат предност и како да се наоѓаат на велосипедска патека.
Оние што ги застана нашата екипа, велат дека нема друг пат по кој би можеле да го реализираат овој подвиг.
– Во развиените европски земји постојат специјално направени патеки за велосипедисти што сериозно се занимаваат со овој спорт. Кај нас нема такво нешто, а нам едноставно тоа ни е предизвик и сакаме да го реализираме. Внимавам колку што можам, меѓутоа што е тука е – кратко, но револтирано изјави велосипедистот со кој се консултиравме.
ВОЗАЧИТЕ НА МОТОРНИ ВОЗИЛА НА ШТРЕК
Ова е доста сериозен проблем за возачите, кои велат дека понекогаш до тој степен се невнимателни, што многу лесно можат да ги прегазат.
Дополнително, како што велат, ги попречуваат движењето на возилата и нормалниот тек на сообраќајот, бидејќи и тие се движат по сообраќајната лента.
– Некои возат велосипед поради рекреативни причини. Соборуваат рекорди, па нова цел им е освојување други градови. Јас немам ништо против тоа, сето тоа е за поздрав и искрено ги поддржувам. Меѓутоа, свесно да се ставиш во ризик себеси и другите учесници во сообраќајот е апсурдно. Пречат на автопатиштата. Посебен проблем е кога возат во темница, без апсолутно каква било рефлектирачка облека на себе и можеш да ги забележиш дури кога ќе им се приближиш и, секако, кога можеш да ги прегазиш – вели Сашо Стојановски.
Тој вели дека велосипедисти има и кон превојот Стража, каде што е уште поризичен сообраќајот за нив.
– Сите знаеме каков е патот кон Стража, дека од страна речиси и воопшто нема место за движење на велосипедисти и пешаци. А токму велосипедистите се редовни на овој потег. Ние со возилата немаме голема прегледност, бидејќи патот е со кривини, токму тука е и најголемиот ризик, бидејќи само што ќе заврши кривината, пред тебе излегува велосипедист, па ти мора да маневрираш за да не го удриш – вели тој.
ЗАКОНОТ Е ДЕЦИДЕН ПО ОВА ПРАШАЊЕ
Од Министерството за внатрешни работи велат дека движењето на велосипедите по автопат е прекршок и тоа е казниво.
Во членот 129 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во глава три, ставот еден вели дека по автопат, експресен пат и на пат резервиран за сообраќај на моторни возила не смеат да се движат пешаци, велосипеди, мобилни машини, мотокултиватори, трактори, запрежни возила и добиток, ниту возила што според одредбите на овој закон не се сметаат за моторни возила, освен мотоцикли чија сила на мотор е поголема од 35 киловати.
Ставот два вели дека на автопат, експресен пат и на пат резервиран за сообраќај на моторни возила не смеат да се движат ниту моторни возила што според своите конструкциски својства не можат да се движат со брзина од најмалку 60 км/ч.
Според ставот четири, прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе им се издаде на лицата што постапуваат спротивно на одредбите од ставовите (1) и (2) на овој член.
– Наедно, ве известуваме дека Министерството за внатрешни работи, во согласност со своите надлежности, во континуитет презема мерки и активности за откривање и санкционирање на учесниците во сообраќајот на патиштата што постапуваат спротивно на правилата и прописите – велат од МВР како одговор на нашето прашање како е регулирано тоа во Законот, но и во практиката.
И РСБСП СО АПЕЛ
Со оглед на тоа што Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) сѐ уште нема формален мандат и периодов не работи додека не добие нов мандат, оттаму не можеа да ни дадат изјава, но по еден сличен повод секретарот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Дејан Андоновиќ истакна дека велосипедистите треба да го почитуваат законот како и сите други учесници во сообраќајот.
– Возење велосипед по автопат е забрането, за велосипедисти нема посебна лента за возење. Велосипед се вози исклучиво таму каде што има услови за тоа. Велосипедот доста често е превозно средство и токму затоа постојат правила и за нив, кои доколку не ги почитуваат, ќе бидат казнети – изјави тој.
Андоновиќ наедно апелира до велосипедистите да ги почитуваат сообраќајните правила и нагласи дека само така ќе се спречат несреќи и за нив и за другите.
Според него, велосипедистите смеат да возат само таму каде што има обележена велосипедска патека.
– Доколку нема велосипедска патека, тие смеат да се движат на улица во согласност со законски предвидените услови. Кога преминуваат улица, а нема велосипедска патека, тие се должни да се симнат од велосипедот и пешачејќи да ја преминат улицата. Дополнително апелирам велосипедистите да носат заштитна опрема, за заштита на сопствениот живот – вели тој.