Фото: ЕПА

Одиме меч по меч и тој дуел со Холанѓанките сега е нашиот фокус, рече Влатко Андоновски, македонскиот стручњак и селектор на репрезентацијата на светскиот фудбалски првак САД, по победата на дуелот со Виетнам со 3-0, во првото коло на СП 2023. САД и Холандија играат меѓу себе в четврток, во реприза на финалето од Мундијалот во 2019 година

ПЛАНЕТАРНИОТ ПРВАК СО ТРИ БОДА ГО ПОЧНА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ЗА ФУДБАЛЕРКИ ВО АВСТРАЛИЈА И ВО НОВ ЗЕЛАНД

Се чувствувам одлично. Сакаме да победуваме на секој натпревар, така што сега е еден помалку и сега продолжуваме на следниот меч. Создадовме многу можности и сакавме да постигнеме повеќе голови, но тоа е тоа што е. Се надеваме дека можеме да го подобриме тоа и да донесеме некои од добрите работи што ги направивме денес кога ќе играме со Холандија. Одиме меч по меч и тој дуел со Холанѓанките сега е нашиот фокус, рече Влатко Андоновски, македонскиот стручњак и селектор на репрезентацијата на светскиот фудбалски првак САД, пренесе Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Селекцијата на САД во првото коло на Светското првенство (СП) за фудбалерки што се игра во Австралија и во Нов Зеланд ја победи репрезентацијата на Виетнам со 3-0 (2-0). Дебитантката на светските шампионати, Софија Смит (22), постигна два гола и асистираше за еден погодок, кој го постигна капитенката Линдзи Хоран. На тој натпревар репрезентацијата на САД не искористи пенал, откако Алекс Морган од белата точка ја погоди гредата.
– Дојдов со размислување да направам сѐ што е потребно за да му помогнам на овој тим да победи и тоа е она што го направив. Чувствувам олеснување затоа што бев малку вознемирена во пресрет на турнирот, па убаво е што остваривме победа. Многу е возбудливо да се биде на ова Светско првенство. Секој момент денеска беше забавен, а публиката беше неверојатна. Мислам дека ова беше добар начин да се почне, но знам дека имаме уште да дадеме – рече Смит, која беше прогласена за најдобра фудбалерка на натпреварот.
Во таа група Е, во првото коло, Холандија ја победи Португалија со 1-0. САД и Холандија играат меѓу себе в четврток, во реприза на финалето од Мундијалот во 2019 година. Во осминафиналето на СП 2023 ќе се пласираат првите две селекции од секоја од осумте групи, а групата на САД вкрстува со селекциите во групата Г, во која се Италија, Аргентина, Шведска и Јужна Африка.
САД се четирикратни светски прваци и деветкратни континентални шампиони (деветтата титула ја освоија во 2022 година под водство на Андоновски). Од ноември лани селекцијата на САД е во серија од 10 победи во низа, со вкупна гол-разлика 24-2.
Првото коло во сите осум групи се заокружува денеска и утре, со дуелите Италија – Аргентина, Германија – Мароко и Бразил – Панама и Колумбија – Јужна Кореја, а утре почнуваат и дуелите од второто коло. Н.М.