Животни

Во новото истражување, научниците проучувале илјада кучиња, меѓу кои имало 13 раси, а им претставиле десет теста за способност.
Белгискиот овчар, кој често се користи како полициско куче, освои 35 од 39 можни поени и со тоа го зазеде првото место на листата на најинтелигентни кучиња. На второ место со 26 бода е бордер коли, додека германската раса ховаварт со 25 бода го зазеде третото место, според студијата објавена во научното списание „Сајентифик репортс“.
– Белгискиот овчар се истакна во многу когнитивни задачи и многу добро се покажа на повеќето тестови – рече Катрина Тира од Универзитетот во Хелсинки.
Сара Џунтила, исто така од Универзитетот во Хелсинки, една од авторките на студијата, рече дека повеќето раси имаат свои силни и слаби страни.
– На пример, лабрадор ретриверот беше многу добар во читање човечки гестови, но не толку добар во решавање просторни проблеми – вели Џунтила.
На кучињата што учествуваа во истражувањето им беа поставени седум когнитивни и три задачи за однесувањето. Една од задачите поставени пред кучињата за време на овој тест беше да се заобиколи проѕирна ограда во облик на латинската буква V за да дојдат до храната што беше видлива низ оградата. Целта на таа задача беше да се измери способноста за решавање проблеми. Тимот научници, исто така, ја мереа способноста на кучињата да читаат човечки гестови со тоа што ги натераа да реагираат на пет човечки движења: постојано покажување, кратко покажување, покажување со стапалото, покажување на нешто додека е свртено настрана и следење на погледот.