Актуелниот шампион САД на Андоновски игра и за нови рекорди

Селекцијата на САД е најтрофејна, со четири титули светски првак и на шампионатот во Австралија и во Нов Зеланд ќе игра и за нов рекорд, трета титула во низа, нешто што не е направено ниту од една репрезентација на светските првенства за жени и за мажи. На СП 2023, кое е со рекорден награден фонд, ќе настапат сите досегашни светски прваци и финалисти, а осум репрезентации ќе дебитираат

НЕДЕЛАВА ПОЧНУВА ДЕВЕТТОТО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА ФУДБАЛЕРКИ

Деветтото Светско првенство (СП) за фудбалерки почнува в четврток, а репрезентацијата на САД, чиј селектор е македонскиот стручњак Влатко Андоновски, тргнува по нови рекорди. Селекцијата на САД досега четири пати беше светски првак (1991, 1999, 2015 и 2019 година) и на шампионатот што се игра во Австралија (во пет града) и во Нов Зеланд (четири града) ќе игра и за рекорд, трета титула во низа, нешто што не е направено ниту од една репрезентација на светските првенства за жени и за мажи.
САД се и четирикратни олимписки прваци и имаат девет триумфи на првенството на Северна Америка, од кои еден, лани, под водство на Андоновски. Од ноември лани селекцијата е во серија од девет победи во низа, со вкупна гол-разлика 21-2, серија во која беа совладани, меѓу другите, Германија, Бразил, Канада…
На СП 2023 првпат ќе играат и другите досегашни светски прваци, селекциите на Германија (првак во 2003 и во 2007 година), Норвешка и на Јапонија (по еднаш, во 1995, односно во 2011 година), потоа и четирите други репрезентации што досега настапија во по едно финале, Кина, Шведска, Бразил и Холандија, како и трите репрезентации што биле полуфиналисти на некој мундијал, актуелниот олимписки првак Канада, Франција и европскиот шампион Англија. Четирите репрезентации што ја освоиле светската титула, САД, Германија, Норвешка и Јапонија, имаат и по уште едно учество во финале.
Осум репрезентации ќе дебитираат на светските првенства за фудбалерки, и тоа Филипини, Виетнам, Мароко, Замбија, Хаити, Панама, Португалија и Република Ирска.

РЕКОРДЕН НАГРАДЕН ФОНД

Светската фудбалска федерација (ФИФА) во јуни го објави наградниот фонд, рекорден за СП за фудбалерки. Секоја репрезентација за играње во групната фаза ќе добие по 1,56 милион, а потоа осминафиналистите по 1,87, четвртфиналистите по 2,18, четвртопласираната селекција 2,455 милиони, носителот на бронзениот медал 2,61, вицешампионот 3,015 и првакот 4,29 милиони долари.
ФИФА одреди и финансиска распределба за секоја фудбалерка, и тоа по 30.000 долари за секоја фудбалерка од репрезентациите што ќе играат во групната фаза, по 60.000 за тие во осминафиналето, по 90.000 за фудбалерките од селекциите во четврт-финалето, по 165.000 за репрезентативките што ќе го освојат четвртото место, по 180.000 за тие на третото, по 195.000 за второто и по 270.000 долари за секоја фудбалерка на новиот светски првак.
– Со овој нов модел на дистрибуција, секоја фудбалерка на Светското првенство сега може целосно да се потпре на наградата за нивните напори додека напредуваат низ турнирот. Капитенката што ќе го крене култниот трофеј за светски првак на 20 август во Сиднеј ќе добие 270.000 долари, како и секоја од нејзините 22 соиграчки. Глобалната плата на професионалните фудбалери е приближно 14.000 долари годишно, така што сумите доделени според овој невиден нов модел на дистрибуција ќе имаат вистинско и значајно влијание врз животите и кариерите на овие фудбалерки. Надвор од ова, сите асоцијации членки ќе добијат и рекордна финансиска распределба врз основа на нивните перформанси, која ќе можат да ја искористат за реинвестирање во фудбалот во нивните земји и што веруваме дека ќе помогне да се поттикне женската игра уште повеќе – рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
Претседателот на Светскиот синдикат на фудбалери (ФИФПРО), Дејвид Аганзо, рече дека тоа што сите фудбалерки на СП 2023 ќе бидат поддржани со гарантирана награда е главна пресвртница за фудбалот и за женскиот спорт.
– ФИФПРО е многу задоволен од чекорите преземени од ФИФА во воспоставувањето на овој механизам за загарантирана награда за фудбалерките. Клучот зад успехот на овој модел е тоа што тој се применува универзално и е фер. Гледаме дека ова е само почеток на она што ќе биде трансформациско патување за женскиот професионален фудбалски пејзаж заедно со ФИФА – рече Аганзо, пренесе ФИФА.
Вкупната инвестиција на ФИФА во Светското првенство за фудбалерки годинава е буџетирана да надмине 500 милиони долари, пишува Светската фудбалска федерација.

ДОМАЌИНИ, ГЛЕДАЧИ

Годинашниот шампионат ќе биде прв на кој домаќини ќе бидат две земји. Од претходните домаќини само селекцијата на САД ја освоила титулата на свој терен, во 1999 година, а потоа, четири години подоцна, пред своите гледачи освои и бронзен медал. Другите домаќини најмногу стигнаа до четврт-финалето.
Се очекува рекордна посета на натпреварите, откако Светската фудбалска федерација најави продажба на 1,5 милион влезници. Досега рекорден мундијал според вкупниот број продадени влезници е тој во 2015 година, игран во Канада, со над 1,3 милион влезници, а според просечната посета на натпреварите рекорден е шампионатот од 1999 година во САД, со по речиси 38.000 гледачи на секој од мечевите. Н.М.