Во спомен-собата на Миладиновци, „Т’га за југ“, во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје се одржа промоцијата на романот „Јазол“ од српскиот писател Дејан Алексиќ, во превод на Никола Кукунеш. Романот ги добил некои од најпрестижните награди во Србија, наградите „Милош Црњански“ и „Владан Десница“. Книгата е во издание на здружението за книжевност, култура и уметност „Екс либрис“ од Скопје и е објавена како дел од проектот Регионалната мрежа за културна разноликост со поддршка од Европската Унија. Книгата ја промовираа Мите Стефоски и Никола Кукунеш. Извадоци од романот прочита актерот Роберт Вељановски.
Дејан Алексиќ (Краљево, 1972) е поет и автор на литература за деца. Дипломирал на Катедрата за српска литература и јазик на Филозофскиот факултет во Нови Сад. Објавил десет збирки поезија, една книга драми и над дваесет книги за деца.
Добитник е на голем број значајни награди за неговото литературно творештво: „Васко Попа“, „Меша Селимовиќ“, Змаевата награда на „Матица српска“, Наградата на САНУ од фондот „Бранко Ќопиќ“, „Мирослав Антиќ“, „Ристо Ратковиќ“, Наградата на „Просвета“, „Матиќев шал“, Бранкова награда. За драмата „Вино и пингвини“ во 2010 година му е доделена Пекиќевата стипендија. Како автор на книги за деца застапен е во читанките и задолжителната лектира за основното образование во Србија.