Фото: Игор Бансколиев

Од дополнителните четири места во групната фаза во идната сезона по едно место има за двете земји чии клубови ќе одиграат најдобро во сезоната што почна неделава. Да беше сега воведен новиот формат, Ливерпул и Аталанта ќе играа во ЛШ есенва поради настапите на англиските и на италијанските клубови во европските натпреварувања во сезоната 2022/2023

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Со полуфиналните мечеви завчера од претквалификацискиот турнир што се игра на Исланд почна новата сезона во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), последна пред воведувањето на новиот формат на натпреварувањето од сезоната 2024/2025. Со првите натпревари, секако, почнува клупската трка за вредниот трофеј, кој треба да биде доделен на стадионот „Вембли“ во Лондон, но и трката на земјите-членки на Европската фудбалска унија (УЕФА) со своите претставници за што подобри резултати во трите европски купа за да обезбедат дополнителни две места за своите клубови во проширената Лига на шампионите.
И сезонава во групната фаза на најсилното европско клупско фудбалско натпреварување ќе играат 32 тима, поделени во осум групи, од кои првите две екипи од секоја група ќе се пласираат во осминафиналето.
Од следната сезона, пак, во Лигата на шампионите ќе има по 36 клуба, во една лига и сите тимови ќе играат по осум натпревари (досега играа по шест меча во групната фаза) против осум различни противници, со по четири натпревари дома и на гости, според т.н. „швајцарски систем“, кој се користи во шахот. Според најавите, екипите од иста земја и понатаму нема да можат да играат меѓу себе во групната фаза.
Најдобрите осум екипи директно ќе се пласираат во осминафиналето на Лигата на шампионите, а следните 16 тима ќе настапат во квалификациите за влез во осминафиналето. Така, идниот европски првак за освојување на титулата ќе треба да одигра најмалку 15 натпревари во текот на сезоната, два повеќе отколку досега, а можеби и 17, ако претходно игра и во квалификации за влез во осминафиналето. Вкупно, треба да има 189 натпревари во текот на сезоната (досега се играа по 125 меча).
Од дополнителните четири места во групната фаза едно ќе добие третопласираниот тим во домашното првенство на петтата земја на ранг-листата на Европската фудбалска унија (во моментов тој тим игра во квалификациите), едно дополнително место ќе добие шампионската патека од квалификациите (сега има четири) и по едно место има за двете земји чии клубови одиграле најдобро во претходната сезона.
Да беше воведен новиот формат за сезоната 2023/2024, Ливерпул и Аталанта ќе играа во Лигата на шампионите сезонава, поради настапите на англиските и на италијанските клубови во европските натпреварувања во сезоната 2022/2023, пишува „Би-би-си“. Н.М.


Од в година нема да има веќе селење од ЛШ во ЛЕ

Слични измени како во Лигата на шампионите (ЛШ) се предвидени и за форматите на натпреварување во преостанатите два европски фудбалски купа во сезоната 2024/2025, Лига Европа (ЛЕ) и Конференциската лига (КЛ), во кои ќе играат, исто така, по 36 тима. Во Лигата на шампионите и во Лига Европа тимовите ќе играат по осум натпревари во групната фаза, а во Конференциската лига по шест.
Разлика од досега е и тоа што од идната сезона веќе нема да има селење на дел од екипите во пониското натпреварување по заокружувањето на групната фаза (сега третопласираните тимови во групите во ЛШ продолжуваат со настапи во нокаут-фазата на ЛЕ, а третопласираните од ЛЕ играат во КЛ).