Ниту еден руски државјанин не е предмет на екстрадиција во друга земја и има право на поддршка од Русија за заштита од незаконски обиди за кривично гонење, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.
– Во однос на правниот аспект на екстрадицијата воопшто, можам да го кажам следново: ниту еден руски државјанин не е предмет на екстрадиција во друга земја и има право да се потпре на помошта на Русија во заштитата од незаконски обиди за гонење по кривични пријави – рече Захарова на брифингот, одговарајќи на прашањето во врска со изјавите кои доаѓаат од Соединетите Американски Држави за екстрадиција на основачот на приватната воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин, пренесе „ТАСС“.
Захарова посочи дека Русија сама ќе се справи со ситуацијата од 24 јуни „без надворешни коментатори“.
– Оние кои сакаа да ја изразат својата поддршка, ја изразија. Тие што сакаа да помогнат, помогнаа. Ќе го имаме на ум. Го забележавме и нема да заборавиме – заклучи Захарова.
Претходно, портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер на брифинг рече дека Вашингтон ќе инсистира на екстрадиција на Пригожин доколку тој влезе во земја со која САД имаат договор за екстрадиција.