Американскиот државен секретар Антони Блинкен имаше телефонски разговор со косовскиот премиер Албин Курти и со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тие разговараа за дијалогот што го води високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, за деескалација и нормализација на односите меѓу Србија и Косово.
Во тој контекст, Курти го информирал Блинкен за билатералната средба минатиот четврток во Брисел „кога трилатералната средба не се одржала поради неподготвеноста на претседателот на Србија“, пренесе „Анадолија“.
Курти и Блинкен разговарале, како што се наведува во соопштението, „за состојбата во четири општини на северот на Косово, за нови избори на кои мора да им претходи владеење на правото, за насилните екстремисти кои ги нападнаа војниците на КФОР, косовската полиција и новинарите, и околу тројца српски потпретседатели во општините Лепосавиќ, Звечан и Сјеверна Митровица“.
Се зборувало и за конфискацијата на оружје и многу муниција во автомобил со белградски регистерски таблички, како и за потребата од целосна, доследна и безусловна примена на бриселскиот основен договор.
Курти му се заблагодари на Блинкен за континуираната и сеопфатна поддршка од САД и го информирал за постигнувањата на Косово на полето на економијата, демократијата и владеењето на правото.
Двајцата се согласиле да останат во редовна и честа комуникација заради мирот и безбедноста на Косово и за нормализирање на односите со Србија, се наведува во соопштението по разговорот.
Американскиот државен секретар во телефонски разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ ја поздравил веста за ослободување на тројца припадници на косовската полиција, пренесе „Танјуг“.
Според Стејт департментот, тој повикал на деескалација на тензиите меѓу двете страни.
Блинкен, исто така, повторил дека одговорните за неодамнешните напади врз членовите на КФОР во северно Косово треба да одговараат и ја нагласи континуираната поддршка на Вашингтон за планот од три точки на Европската унија.
Американскиот државен секретар го повика Белград веднаш да преземе чекори за спроведување на обврските од договорот за нормализација на односите со Косово, се наведува во соопштението.