Стабилна е состојбата во Прилеп по вчерашното невреме проследено со пороен дожд и грмотевици. Најинтензивно беше околу 14 и 15 часот кога поради поројните врнежи атмосферската канализација не можеше одеднаш да ја прими водата, па улиците наликуваа на реки.
Како што информираат од Противпожарната единица, граѓани од населбите Варош и Тризла пријавиле поплавувања, па интервенирале во неколку наврати за да се испумпа водата во подрумите и приземни простории.
Пријавени биле и две поплавени возила на излезот од Прилеп, а имало неколку искрења на жици. Екипите на прилепски „Водовод“ ги исчистија улиците од наноси веднаш по поројните дождови и ситуацијата е стабилна.
Најмногу дожд во изминатите 24 часа наврна во Прилеп, каде УХМР заклучно со 8 часот изутрина, измери 52 литри наврнат воден талог на метар квадратен.