СЈО во соработка со МВР, денес изврши 12 претреси, по кои пет осомничени лица се лишени од слобода. Се очекува во текот на денов, тие да бидат изведени пред судија на претходна постапка, односно дека ќе бидат побарани мерки за обезбедување присуство.
Според неофицијални информации што предмалку ги објавија дел од медиумите, Орце Камчев не е меѓу приведените во новата истрага на СЈО „Империја“, но неговото присуство во судот внесува дополнителна забува во целиот случај.
СЈО денеска ја отвори истрагата „Империја“, во која постои основано сомнение за сторени кривични дела, злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.
Оваа истрага е отворена против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.
Во теков на денот се очекува СЈО да излезе со повеќе информации.