Работна група на СДСМ предводена од генералниот секретар Миле Зечевиќ Вардарски, треба да ги продолжи разговорите за уставните измени со опозициската ВМРО-ДПМНЕ и останатите парламентарни партии, како продолжение на средбата на премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.
ЦО на СДСМ синоќа оцени дека е добро што на средбата на Ковачевски со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е воспоставен дијалог во исклучително важен момент и го поздрави првиот чекор „што го направил Мицкоски со прифаќањето на уставните измени“. Од ВМРО-ДПМНЕ пак порачаа оти „еуфоријата во владејачката партија дека опозицијата прифатила уставни измени е лажна“ и истакнаа дека пред какви било идни чекори СДСМ треба да одговори на нивните два предлога од лидерската средба.
– Централниот одбор му дава апсолутна поддршка на претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски и работната група да продолжат со напорите за обезбедување широк консензус за уставните измени, а со тоа и продолжување на европскиот пат на земјата – изјави по седницата на ЦО портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
Пред состаноците на партиското раководството Ковачевски изјави дека е за поздравување променетиот став на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, како и дека е најпозитивно што се отвора простор конечно граѓаните да ја остварат втората стратешка цел – членство на земјата во Европската унија.
– Се надевам дека секој ќе остане на својот кажан збор на прес-конференцијата и соопштенијата што беа дадени и оти Северна Македонија ќе го продолжи евроинтеграцискиот пат преку усвојување на уставните амандмани, преку формирање на влада којашто ќе ги донесе, потоа ќе го доврши процесот на скрининг и ќе ги отвори поглавјата од првиот кластер. Таа влада може и да затвори едно до две поглавја од првиот кластер и потоа таа влада или техничка влада, меѓутоа сметам дека е подобро таа влада бидејќи таа ќе го има учеството на сите политички партии, да ги организира следните избори идната година и граѓаните да го кажат својот збор. Меѓутоа, според мене, она што е најпозитивно е што се отвора простор граѓаните конечно да ја остварат втората стратешка цел што ја имаме, а тоа е после членството во НАТО и зачленување во Европската унија, процес којшто сега е отворен и за кој има поддршка од сите земји членки на ЕУ – изјави Ковачевски.
Процесот, смета тој, треба да се води во рамки на Преговарачката рамка која, како што наведе, обезбеди заштита на македонскиот јазик, заштитен македонски идентитет, заштитена македонска култура, почеток на преговорите кои првпат почнаа на 19 јули минатата година.
– Ние имаме обврска што треба да ја исполниме, а тоа е вклучување на други делови од народи во Преамбулата и потоа процесот продолжува со отворање на поглавјата. Јас сум рационален оптимист, верувам во остварување на целта и работам таа цел да се оствари – изјави Ковачевски.
Тој не се согласува со констатацијата дека барањата што ги изнел Мицкоски на лидерската се одбиени.
– Сите предлози кои ги имаше ВМРО-ДПМНЕ се прифатени, па дури и предлогот што го имаа во однос на ДУИ е прифатен од страна на ДУИ со нивно соопштение. Така што, сите барања се исполнети – посочи Ковачевски во телевизско интервју.
По исходот од ЦО на СДСМ од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение порачаа дека клучното прашање на кое Ковачевски треба да одговори и без кое нема продолжување на разговорите е кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив за СДСМ
– Откако Ковачевски кажа дека на лидерската средба нема договор, сега направи партиски состанок за кој разговара за предлозите на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што Македонија има пишман премиер и тоа што главната комуникација оди преку јавни препукувања говори за тоа во каква атмосфера се носат важни одлуки. Да биде јасно: Уставни измени какви што понуди СДСМ под бугарски диктат не се прифатливи за ВМРО-ДПМНЕ – соопшти најголемата опозициска партија.
Она што било понудено од Мицкоски, подвлекуваат од ВМРО-ДПМНЕ, е промена на околностите, заштита на националните интереси и европска интеграција.
– И во таа насока беа понудени два предлога. Првиот преодна влада без ДУИ, измени кои ќе стапат во сила со завршување на преговорите и членството на државата во ЕУ, вториот – избори, гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур и измени од влада без ДУИ поддржана од опозицијата. Клучното прашање на кое Ковачевски треба да одговори и без кое нема продолжување на разговорите е кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив за СДСМ? Потребен е јасен и недвосмислен одговор пред каков било друг чекор – наведоа од ВМРО-ДПМНЕ
Претходно Мицкоски од партиска трибина во Охрид забалежа дека еуфоријата во владејачката партија дека ВМРО-ДПМНЕ прифатила уставни измени е лажна, истакнувајќи дека ако тоа било вистина веднаш по лидерската средба ќе било ставено на Собраниска седница.
Според него, само со преодна Влада може да се обезбеди национално единство и доверба кај граѓаните, а Демократската унија за интеграција, како што рече, после 20 години да ја пратиме во опозиција и криминалците да одговараат.
Појаснувајќи ги причините зошто на лидерската средба со Ковачевски предложил преодна влада без ДУИ, Мицкоски рече дека тоа нема да значи амнестија за криминалот, туку детронизирање на ДУИ и државата ќе нема премиер кој не е избран од народот.
Мицкоски рече дека е можна интеграција во Европската унија и зачувување на националното достоинство, јазик и посебност и дециден е дека без европска интеграција и заштитен идентитет „нема да има уставни измени“.
– И затоа на маса ставив две понуди. Првата е формирање на преодна влада на сите партии, без ДУИ во неа. Влада под наши услови без криминализираниот дел од сегашната гарнитура кога ќе треба да донесе измени на Уставот со одложено дејство кои ќе стапат на сила со членството на Македонија во ЕУ. Така добиваме гаранција дека Македонија ќе биде на брза патека за Европската унија и кочничарите на нашата интеграција Бугарија да станат активна заинтересирана стана за побрза европеизација на државата. Втората понуда е избори сега, обезбедување на гаранции од европски институции за заштита на националните и државни интереси, како и економски пакет за подобар живот во државата по повеќе основи, па потоа носење на измени на Уставот со обврска опозицијата да го поддржува процесот како би се гарантирало националното единство кога е во прашање гарантирање заштитата на државните и национални интереси – истакна Мицкоски.
Во пресрет на партискиот Централен одбор, вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ во интервју за МИА рече дека откако ќе ги додефинираат наредните чекори со конкретни идеи околу работните групи со опозоцијата во брзо време ќе ги интензивираат активностите. Тој оцени дека е важно што опозицијата се поместила, како што вели, од мртва точка и на некој начин го променила досегашниот цврст став дека по ниедна цена нема да има уставни измени.
– Добро е што ја увидоа, ја согледаа потребата од консензус и од, да речам, една позиција во која што нема самите себе да се блокираме како држава и сега останува таа добра волја да ја покажат и на дело. Од Владата имаат подадена рака, премиерот и на лице место даде конкретна понуда за редоследот на чекорите – рече Маричиќ.
Според него, можно е уставните амандмани да влезат во собраниска процедура овој месец и тоа, како што посочи, зависи од динамиката што ќе ја договорат во рамки на дијалогот со опозицијата.
Според поранешниот амбасадор на САД во Скопје Џес Бејли, уставните измени се јасно решение за бугарското вето, но ќе биде разочарување ако има ново вето понатаму што ќе го закочи патот кон Европската Унија.
– Мислам дека САД би биле разочарани ако се случат натамошни постапки од ваква природа. Додека поминувате низ процесот и отворате поглавја, одредени земји ќе сакаат да се уверат дека самите критериуми се исполнети, така што ќе има и други прашања на патот. И затоа мислам дека е важно секое прашање да не се гледа како нелегитимно прашање меѓу земјите-членки, бидејќи тоа е дел од процесот. Тоа ќе биде долг процес да се помине низ некои од тие поглавја, особено за владеењето на правото. Земјата ќе биде под голем надзор, тоа е јасно, како и Албанија и другите. Но, мислам дека сум оптимист. Мислам дека луѓето ќе видат дека ова ќе се случи. Но, не можам да кажам кога- рече Бејли во интервју за Гласот на Америка на македонски.
Бејли порачува дека уставните измени ќе ја засилат позицијата на државата и оценува дека проблем на Бугарија е тоа што не го признава македонското малцинство и покрај пресудите на Судот во Стразбур. Ако државата сега не ги почне преговорите, како што вели, не е јасно колку долго дополнително ќе биде одложено пристапувањето во ЕУ.
И од ДОМ, ЛДП и ДПТ сметаат дека има волја да се донесат уставните измени, а почетокот е за поздравување.
– Поместувањата што ги гледаме деновиве укажуваат дека има волја да се донесат уставните измени, пак ќе имаме „жешко “ лето како и секоја година, процесите многу брзо ќе се случуваат и веројатно до крајот на годината ќе биде извесно каде и како се движиме и кој ќе биде исходот од сето тоа. Европската Унија е цел на сите партии и мораме и можеме да се усогласиме. Ќе треба од некаде да се почне, а почетокот засега е убав и е за поздравување – оценија во ТВ дебата Маја Морачанин, претседател на ДОМ, Моника Зајкова, претседател на ЛДП и Бејџан Иљас од Демократската партија на Турците.
– Тука, пред се, го гледам ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека веќе со оваа лидерска средба на која имаше различни коментари и изјави и од премиерот и од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, но мислам дека тоа е добра основа да продолжи дијалогот по овие прашања. Мислам дека може да се дојде до консензус – рече Морачанин.
Таа порача дека сето тоа треба да се случува во следните неколку месеци, бидејќи, како што рече, роковите не газат, скринингот завршува во ноември, процедурата во Собранието трае четири месеци, така што, нагласи, сега е моментот да почне целата собраниска процедура.
Зајкова потенцира дека поважна е европската иднина и напредокот на земјата во преговорите со ЕУ.
– Како партија го поздравивме чинот на ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во процесите: гласање за уставните измени и почеток на преговорите по поглавја кои треба да ни обезбедат реформи, кои за жал 32 години сами не успеавме да ги спроведиме – изјави Зајкова.
Иљас, пак, потенцираше дека ДПТ го поддржува патот кон ЕУ и тоа е и еден од нивните програмски цели.
– Ние повикувавме на целосен консензус на застапување на сите страни. Да не заборавиме дека уставните промени ќе бидат само еден дел, а до крајот имаме некаде над 120 закони каде ќе треба двотретинско мнозинсто – наведе Иљас.