Добитниците на главната награда „златна трига“ на претходното издание на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор, Филип Јовановски и Ивана Васева, годинава се кураторски тим на изложбата „Градот како сцена“ на Националниот павилјон на Македонија на квадриеналето, кое ќе се одржува од 8 до 18 јуни во Прага, Чешка. Преку делата на уметниците Алембик (Виктор Танасковски и Ива Дамјановски), Бесфорт Идризи, Викторија Илиоска и Анастасија Пандиловска, курирани во заедничката изложба „Градот како сцена“, овој проект го користи градот како текст за препрочитување на историските настани преку евоцирање на (тектонските) поместувања, судири и (само)експлоатации во контраст на локалните официјални и неофицијални приказни. Во Студентскиот павилјон, пак, куриран од Кристина Леловац и Филип Јовановски учествуваат Мартина Пенева, Димитар Милев, Тамара Џерков, Дениз Ајдаревиќ, Александар Јовановски и Мартина Петреска.
– Добивањето на главната награда на минатото издание во 2019 година беше и сѐ уште е мотив за нас како тим да се обидеме градот како ресурс („капитал“) да го распределиме и споделиме со пошироката уметничка заедница, и тоа преку национален павилјон и за првпат студентски павилјон на оваа голема манифестација – вели Филип Јовановски.
Изведувачката и кореографка Викторија Илиоска, осврнувајќи се на четиримесечната подготовка на проектот, истакнува дека процесот се одвивал според методологијата на Јовановски и Васева „читање згради“.
– Секој од нас, Анастасија, Бесфорт, Алембик и јас, изработи лично исчитување на таа методологија и изработи перформативна инсталација составена од четири дела. Причинува особено задоволство да се работи со група од заедницата и да се стигне до структура што застапува повеќе форми и дисциплини. Во мојот дел фокусот го дадов на есенцијалното, нужното, на ресурсот. На оној што го немаме, но исто така на оној што го имаме, а го експлоатира некој друг – вели таа.
Домот на АРМ, Албанскиот театар за деца и младинци во Скопје и Прилепскиот мермерен комбинат и насилството на звукот создадено во/помеѓу тие места воведуваат платформа што (повторно) го измислува градот. Градот како сцена има цел да учи од градот како ресурс, од трагите на напуштената солидарност и преку ангажман со локалното население да ја преиспита идејата за тоа како транснационалната солидарност може повторно да го обликува градот.
Кристина Леловац, актерка, изведувачка и вонредна професорка на ФДУ, која ја има и улогата на кокураторка на студентската изложба, објасни дека покрај истражување на стручна литература и архиви, се проверуваа изведувачките потенцијали на градот низ мали перформативни интервенции во јавниот простор, преку кои студентите заедно дојдоа до 10-те упатства (прототипи) за ретки доживувања на градот како сцена.
Прашкото квадриенале е основано во 1967 и годинава, со цел да го донесе на едно место најдоброто од перформансот, сценографијата и театарската архитектура, го има своето петнаесетто издание. Македонскиот национален павилјон и студентскиот павилјон го организира Здружението за уметност и култура „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“, во партнерство со Младинскиот културен центар, Меѓународниот театарски фестивал МОТ, Факултетот за драмски уметности и Архитектонскиот факултет од Скопје.