Македонските и грчките конзерватори ги презентираа досегашните резултати од соработката меѓу НУ Завод и музеј – Битола и Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун на проектот за „Конзервација на ѕидното сликарство на црквата ’Св. Ѓорѓи‘ во с. Курбиново“. На презентацијата на оваа важна фаза во долготрајната заштита на овој вреден споменик на културата од византискиот период присуствуваа: министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска; амбасадорката на Република Грција, Софија Филипиду; генералниот конзул на Грција во Битола, Александрос Видурис; директорката на НУ Завод и музеј – Битола, Мери Стојанова, со тимот конзерватори; како и директорката на Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Флора Карајани.

– Во изминатиов период, колегите од Заводот и музеј – Битола и од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, по потпишаниот меморандум, ги здружија професионалноста, техничките можности, знаењето, искуството, резултатите од претходните истражувања и современите методи и посветено се вложија во проектот на кој со децении се чекаше – рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека заедничката работа на колегите од Солун и од Битола донесе високостручна конзервација на фрескоживописот од 12 век, на оригиналните фрески, меѓу кои е и фреската на Архангел Гаврил, познатиот „Ангел од Курбиново“.

Во оваа фаза од конзервацијата, стручните лица користеа современи технологии и техники на истражување, ласерско скенирање на објектот, инфрацрвена камера, мултиспектрална камера и други техники за да се утврди како работеле и ја граделе црквата „Св. Ѓорѓи“ некогашните зографи. Како што најавија од надлежната институција, Завод и музеј – Битола, активностите над вредната црква е планирано да завршат до крајот на годинава, кога ќе имаме завршен и комплетиран споменик од конзерваторски аспект во однос на архитектурата и ѕидното сликарство.