Ново откритие на експертите
Рециклирањето пластика може да го направи материјалот поотровен и процесот не треба да се гледа како решение за кризата со загадувањето, предупреди „Гринпис“.
– Пластиката е инхерентно некомпатибилна со кружната економија – наведува глобалната еколошка мрежа во извештајот што ги обединува истражувањата што покажуваат дека рециклираната пластика е потоксична од нејзините непроменети состојки, пренесува „Гардијан“.
Извештајот, темпиран да се совпадне со почетокот на новите преговори за потенцијален глобален договор за пластиката, доаѓа откако одделно истражување покажа дека разградувањето на пластиката за рециклирање го распрснува загадувањето од микропластика во животната средина.
Претставниците од 173 земји минатата година се согласија да развијат правно обврзувачки договор што го покрива „целосниот животен циклус“ на пластиката од производство до депонирање, за кој ќе се преговара во следните две години.
– Индустријата за пластика, вклучувајќи ги фосилните горива, петрохемиските компании и производите за широка потрошувачка, продолжува да го претставува рециклирањето пластика како решение за кризата со загадувањето со пластика. Но… токсичноста на пластиката всушност се зголемува со рециклирањето. Пластиката нема место во кружната економија и јасно е дека единственото вистинско решение за запирање на загадувањето со пластика е масовното намалување на производството на пластика – рече Греам Форбс, кој ја води глобалната кампања за пластика на „Гринпис“ во САД.
Околу осум милијарди тони пластика се произведени од 1950-тите години на минатиот век. Извештајот на „Гринпис“ каталогизира рецензирани истражувања и меѓународни студии, кои покажуваат дека не само што мал дел (9 отсто) од пластиката некогаш се рециклира, туку и дека она што се рециклира завршува со повисоки концентрации на токсични хемикалии, зголемувајќи ја нивната потенцијална штета за луѓето, здравјето на животните и животната средина.
Рециклираната пластика често содржи повеќе хемикалии како што се токсични забавувачи на пламен, бензен и други канцерогени загадувачи на животната средина, вклучувајќи бромирани и хлорирани диоксини и многубројни ендокрини нарушувачи што можат да предизвикаат промени во нивото на природните хормони во телото, се вели во извештајот.
Пластичниот отпад наменет за рециклирање обично се извезува од земјите со високи приходи во посиромашните делови на светот.
Производството на пластика се предвидува тројно да се зголеми до 2060 година.
Според „Гринпис“, секој глобален договор за пластика мора да постигне итно, значително намалување на производството на пластика, како прв чекор кон целосно елиминирање на производството на чиста пластика.
Онаа пластика што ќе остане мора да се користи колку што е можно повеќе, додека се развиваат технологии за отстранување отпад што не вклучуваат едноставно согорување или закопување, велат од „Гринпис“.