Кинотеката, традиционално по повод својот „роденден“ на 29 април, секоја година им го доделува признанието „златен објектив“ на филмски работници, кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Оваа година, Управниот одбор на Кинотеката на Македонија ги прогласи Тонкица Митровска, аниматорка, и Љупчо Константинов, композитор на филмска музика – за добитници на наградата „златен објектив“ за 2023 година.
По тој повод, во Кинотеката, денеска, во 12 часот ќе се одржи свеченост на која на добитниците ќе им бидат врачени признанијата и пригодните стилизирани значки за придонес и поддршка, како кон Кинотеката така и кон филмските работници на Македонија и кон македонската кинематографија.

Тонкица Митровска р. 1948, дипломирана графичарка, е една од првите што работат на анимиран филм во Македонија. Таа во својата кариера има соработувано со сите автори и режисери и е инволвирана во речиси сите филмови. Во филмографија на Тонкица Митровска се запишани: „Стоп“, „Адам“, „Стрелби“, „Буквар за писмени“, „Потегни повлечи“, „Луда птица“, „Последниот прозорец“, „Црно знаме“, „Рака“, „Афирмација“, „Демагог“, „Пецко“, „Леонардо“ и др.

Љупчо Константинов (р. 1946) е композитор и автор на филмска музика. Дипломира на Музичката академија во Белград. Како автор на музика се јавува во играни, документарни и анимирани филмови, во голем број ТВ-филмови, серии и драми, како и во над шеесетина театарски претстави. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои: за музиката во филмот „Среќна нова ‘49“ – ги освојува наградите „златна арена“ за оригинална филмска музика на ФФ во Пула (1986) и бронзена плакета „Милтон Манаки“ за музика на ФФ во Битола (1986), а добитник е и на три златни лаворови венци на МЕС – Сараево, за театарските претстави: „Електра“, „Шехерезада“ и „Фауст“; добива и награда на критиката на Вториот интернационален фестивал во Мексико Сити за најдобра музика за претставата „Шехерезада“; потоа на театарските игри „Војдан Чернодрински“ добива награда за музиката во театарската претстава „Старите фотографии“ итн. Константинов има богат опус и во компонирање музика за телевизиски филмови и серии, каде што е ценет како исклучителен автор соработник со врвни режисери од земјата и од регионот.

Досегашни добитници на „златен објектив“ беа: режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловски и Коле Манев; тонскиот снимател Глигор Паковски; аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ; директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков; филмскиот работник Коста Крпач; продуцентот Панта Мижимаков; филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куновски-Доре; монтажерите Димитар Грбевски, Спасе Тасевски и Олга Лукова-Дончиќ; костимографките Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ.

В.Д.