Фото: Приватна архива

Автор: Д-р Елена Јовановска Јанева, научен соработник, интернист, супспецијалист пулмо-алерголог на Клиниката за пулмологија и алергологија

Кашлицата претставува важен физиолошки рефлекс кој ги штити дишните патишта од агресијата на околината и внатрешните патолошки процеси. Таа е чест и значаен симптом на кој се жалат пациентите во секојдневната практика. Може да е асоциран со речиси сите белодробни и повеке екстра белодробни заболувања, поради што е неопходна класификација, како за дијагностичка така и за тераписка евалуација.
За хронична кашлица се смета кашлицата која трае повеќе од 8 недели кај возрасната популација. Глобалната преваленца на хроничната кашлица кај општата возрасна популација се движи околу 10-12% и за жал оваа бројка расте во земјите со поголемо загадување на воздухот.

Според карактерот може да биде:
1. Сува надразнителна – болести на горни дишни патишта, белодробниот паренхим, плевра и др.
2. Продуктивна – инфламаторни заболувања: акутен и хроничен бронхитис, пневмонија, бронхиектазии, белодробен апсцес и др.
3. Пароксизмална – кај астма, хронична обструктивна белодробна болест – ХОББ, аспирација на страно тело и др.
4. Битонална – кај парализа на гласни жици
Најчести причини за хронична кашлица се:
• Хроничен ринитис, синуситис, фарингитис и ларингитис
• Хронична обструктивна белодробна болест – ХОББ
• Астма/ еозинофилен бронхитис
• Не-астматичен еозинофилен бронхитис
• Инфекции на белите дробови, носот, ушите
• Туберкулоза
• Бронхиектазии
• Тумори на бели дробови
• Дифузни паренхиматозни белодробни заболувања и системски заболувања со дифузно зафакање на белодробниот паренхим
• Кашлица поради аспирација на страно тело или регургитација на храна, течности
• Кашлица после инхалација на иритански пареи, дезинфициенси во домакинството, чад или гасови, пушење на цигари
• Post-COVID-19 syndrome
• Трахеобронхомалација и други конгенитални аномалии
• Цистична фиброза
• Дисфунција на гласните жици
• Обструктивна ноќна апнеа
• Кашлица предизвикана од лекови, најчесто од АЦЕ инхибитори, бета блокери
• Кашлица кај пациенти кои се на имуносупресивна терапија
• Болести на срцето, бубрезите
• Гастро езофарингеална рефлуксна болест – ГЕРБ
• Психогена хабитуална тик кашлица
• Хронична идиопатска кашлица

Дијагноза
Ако пациентот се жали на кашлица која трае подолго од 8 недели, треба веднаш да се отпочне со дијагностичка евалуација. Првиот чекор се состои од земање на детални анамнестички податоци од пациентот и физикален преглед. Неопходно е да се направи комплетна лабораториска анализа, ЕКГ проценка, функционални белодробни тестови (спирометрија, гасни анализи, издишан азотен моноксид, тест за бронхијална хиперреактивност, индуциран спутум), алерголошки тестови, РТГ на граден кош и синуси, а по потреба HRCT на бели дробови и медијастинум, ехотомографија на граден кош и бронхоскопија. Доколку кашлицата е продуктивна потребно е да се направи комплетно микробиолошко иследување на спутумот. Доколку се сомневаме на невролошка, гастроентеролошка или кардиолошка причина за кашлицата, треба да се направат дијагностички доиследувања во таа насока.

Терапија
Во зависност од етиологијата на кашлицата се спроведува соодветен тераписки пристап.