КОШАРКА – ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА

Актуелниот шампион МЗТ Скопје ќе се бори за својата 10. шампионска титула
МЗТ Скопје е првиот патник во финалето од Првата кошаркарска лига за мажи, откако славеше на гостински терен со 73-62 и во вториот дуел од плејофот против вечниот ривал Работнички, со што ја доби серијата прв до две победи. За МЗТ Скопје ова е 11-то финале во низа во Првенството на Македонија, а вкупно 17-то во неговата богата клупска историја. Првиот меч изминатата сабота, аеродромци го добија на сличен начин со 82-71, односно со 11 поени разлика.
Кај победничкиот состав, Војдан Стојановски и Киандре Кук беа најефикасни со по 18 поени, Дастин Вер уфрли 12, а Абдул Абу 11. Кај поразените, Никола Малешевиќ со 14 поени и девет скока беше најдобар, Ѓорѓе Џелетовиќ постигна 13, додека Ерик Нотиџ 10 коша.
Противник во големото финале на МЗТ Скопје ќе му биде победникот од дуелот помеѓу ТФТ Моцарт и Пелистер. Битолчани водеа со 1-0, откако во Битола славеа со убедливи 100-80, а вчера се играше вториот натпревар од серијата прв до две победи, кој можеше да биде и последен во нивната полуфинална серија ако славеше Пелистер. Г.И.