Фото: Пиксабеј

Состојбата наречена „токофобија“ веројатно не ви значи ништо, но лекарите предупредуваат дека постојат големи шанси да ја имате, пишува „Дејли мејл“. Имено, се работи за екстремен, понекогаш и паничен страв од бременост и породување.

Резултатите од неодамнешната студија открија дека 6 од 10 Американки имаат токофобија, состојба која може да резултира со напади на анксиозност, избегнување секс или чувство на емоционално неповрзаност со своето неродено дете.

Постојат две подгрупи кај оваа фобија. Примарната токофобија се јавува кај жени кои никогаш не биле бремени, а секундарната токофобија се развива по трауматски настан за време на бременоста или породувањето, како што е тешко породување или раѓање на мртво дете.

Кај некои жени, оваа фобија можр да произлезе и од други стравови, како што се стравот од болка (алгофобија), стравот од лекари (јатрофобија) или стравот од деца (педофобија).

Студијата објавена минатиот месец во списанието „Еволуција, медицина и јавно здравје“ покажа дека 62 отсто од Американките имаат високи нивоа на страв и загриженост во врска со породувањето.

Антропологот на колеџот Дартмут, Занета Тајер, анкетираше 1.800 Американки во раните денови на пандемијата ковид-19, што според истражувачите можеби влијаело на крајните резултати.

Половина од испитаничките – кои имале просечна возраст од 31 година – никогаш не родиле, а повеќе од една третина претходно доживеале бременост со висок ризик.

Сепак, конечните заклучоци од студијата имаат и одредени отстапувања. Имено, и пренаталните и постпарталните податоци биле собрани во првите 10 месеци од пандемијата, во време кога здравствениот систем беше прилично „напнат“.

Исто така, истражувањето било повеќе фокусирано кон белите и жените со повисоки приходи. Повеќе од 86 отсто од испитаничките биле бели, а приближно половина имале просечен семеен приход од најмалку 100.000 долари годишно.

Повеќе од 86 отсто од жените во студијата рекле дека се загрижени дека поради пандемијата и дека нема да ја имаат личноста за поддршка што ја посакуваат во болницата за време на породувањето.

Притоа, голем дел од нив искажале загриженост дека нивните бебиња ќе им бидат одземени по породувањето доколку тие имаат ковид, дека ќе им пренесат ковид на своите бебиња или дека другите ќе ги третираат лошо ако се заразени од болеста.

Истражувачите забележаа поврзаност помеѓу стравот и повисоките стапки на постпартална депресија, како и меѓу стравот и користењето вештачка храна наместо доење.

И покрај фактот дека повеќето испитанички биле бели жени со високи приходи, истражувачите открија дека црните мајки имаат речиси двојно поголема веројатност да имаат силен страв од породување (токофобија) отколку белите мајки.

Ова може да се должи на фактот што,според Центрите за контрола и превенција на болести, црните мајки се соочуваат со речиси три пати поголем ризик да умрат од компликации поврзани со бременоста отколку нивните бели „колешки“.

Податоците објавени оваа година од страна на непрофитната фондација „Марч оф дајмс“ открија дека 14 отсто од црните доенчиња се раѓаат предвреме, додека кај белите бебиња овој процент изнесува 9 отсто.

Интересно е и што стравот бил поголем кај жените од обесправените заедници, како што се оние со пониски примања и помало образование. Понатаму, слободните жени биле поисплашени од оние што се во стабилни врски.

Стапката на наталитет во САД постепено се намалува, а се повеќе жени пријавуваат дека имаат токофобија. Извештајот од Националниот центар за здравствена статистика (НЦХС) информираше за 3,7 милиони раѓања во САД во 2019 година, што е мало намалување во однос на претходната година.

Во период од пет години, американските истражувачи анкетирале 21.441 мажи и жени на возраст од 44 или помлади, со цел да соберат што порелевантни податоци поврзани со раѓањето и плодноста. Тие откриле дека жените имаат поголема веројатност да имаат деца отколку мажите, веројатноста да станат родители на помлада возраст кај нив била поголема, а во просек имале и повеќе деца. Според податоците, 52,1 отсто од испитуваните жени имале барем едно дете.

Ова е пад од 54,9 проценти во однос на 2015 година – годината кога била претходната верзија на истражувањето – и огромен пад од речиси 60 проценти кај жените под 45 години кои станале родители во 2002 година.

Резултатите беа недвосмислени – просечната Американка на возраст под 45 години има 1,1 дете, што е помалку од 1,3 во 2002 година. Од друга страна, кај просечниот Американец во 2019 година тој процент паднал под 1 и изнесувал само 0,8 деца.