Популарноста на кралското семејство достигна кулминација околу 2011-2012 година, во ерата на свадбата на принцот Вилијам и Кејт и дијамантскиот јубилеј на кралицата. Севкупните наоди покажуваат широка поддршка за монархијата, заедно со значително малцинство скептици, пишува „Би-би-си“
Крунисувањето на кралот Чарлс во Обединетото Кралство како повод
Монархијата минува низ транзиција. Долгото владеење на кралицата Елизабета Втора имаше значителни семејни превирања, но во голема мера беше период на стабилност и континуитет за монархијата. Сега, Велика Британија има нов крал. Но дали се менува и јавното мислење за монархијата? Неодамнешните посети на кралот Чарлс покажаа дека силно се присутни противниците на монархијата, заедно со оние што покажуваат поддршка за новото владеење. Антимонархистите признаа дека не сакале да спроведат протести кога покојната кралица била жива, поради ризикот да ја разгневат јавноста. Но сега се чини дека коцката е фрлена.
За да го процени расположението на јавноста пред крунисувањето, „Би-би-си“ нарача анкета на јавното мислење на „Југов“. Резултатите укажуваат на широка поддршка за задржување на монархијата, при што 58 отсто ја претпочитаат наместо избран шеф на државата што беше поддржано од 26 отсто. Но под овие бројки, анкетата укажува на промени во ставовите, со некои јасни предизвици за популарноста на новиот крал на почетокот на неговото владеење.
Конкретно, се чини дека монархијата има проблем да им се допадне на младите луѓе. Додека постарите од 65 години имале најголема веројатност да ја поддржат монархијата со 78 отсто, тоа не било така кај младите на возраст од 18 до 24 години. Само 32 отсто од нив ја поддржуваат монархијата. Оваа помлада група има поголема веројатност, со 38 отсто, да претпочита избран шеф на државата, иако другите 30 отсто не се изјасниле. Рамнодушноста може да биде прашање колку и противењето, при што 78 отсто од помладата возрасна група велат дека „не се заинтересирани“ за кралското семејство.
Предизвици за новиот крал
Богатството на кралското семејство, во време на притисоци за трошоците на животот, е еден од факторите што се чини дека остро ги дели возрасните групи. Така, 54 отсто од анкетата на 4.592 возрасни лица во Велика Британија велат дека монархијата е вредна, за разлика од 32 отсто, кои мислат спротивно. Но помладите анкетирани на возраст од 18 до 24 години со 40 отсто мислат дека монархијата троши премногу, додека 36 отсто го мислат спротивното. Но јавноста е чувствителна по однос на прашањето за трошоците, како што беше истакнато во една друга анкета на „Југов“, која покажа дека мнозинството не верува дека Владата треба да плати за крунисувањето. Колку ќе чини крунисувањето во однос на јавната потрошувачка, Владата нема да открие дури по настанот.
Колку чини одржувањето на кралските имоти?
Неодамнешни истраги во весниците за кралското финансирање ги доведуваат во прашање границите на приватното и јавното финансирање на кралското семејство, вклучувајќи го и статусот на имотите во Ланкастер и во Корнвол, од кои секој генерира повеќе од 20 милиони фунти профит за кралското семејство.
Критичарите на монархијата сметаат дека овие поседи на земјиште и имот треба да се гледаат како „јавни средства“ и „парите што тие ги собираат во смисла на профит треба да се слеваат кај даночните обврзници за финансирање на јавните услуги“, наместо да бидат „пренасочени во кралската каса“. Како одговор на тоа, Бакингемската палата вели дека војводството во Корнвол ги финансира јавните, приватните и добротворните активности на престолонаследникот додека војводството во Ланкастер помага во финансирањето на суверенот, така што тие не се „товар на државата“.
Како и да е, прашањата за нетранспарентноста на кралските финансии се чини дека ќе продолжат, а обемот на несигурност се сугерира со големината на различните заклучоци од две одделни неодамнешни истраги на весници за богатството на кралот. Едната вели дека тој вреди 600 милиони фунти, а другата 1,8 милијарда фунти.
Колку кралот е во допир со народот?
Прашањата околу парите може да предизвикаат сомневања за тоа колку добро кралското семејство може да сочувствува со искуствата на јавноста. Анкетата на возрасните во Велика Британија спроведена помеѓу 14 и 17 април сугерира дека повеќе луѓе веруваат дека кралот „нема допир со народот“, и тоа од 45 до 36 отсто. Но од друга страна, кралот со децении работеше преку неговите добротворни организации за поддршка на загрозените семејства. Иако Греам Смит, главен извршен директор на антимонархиската група „Република“, сугерира дека анкетите го одразуваат често недоволно пријавеното ниво на противење на монархијата, тој истакнува дека низ целата земја има милиони луѓе што сакаат таа да се укине.
Прашањето за „расната дискриминација“ како предизвик за кралското семејство
Друга чувствителна тема за кралското семејство е перцепцијата за нивниот став кон расата. Од кавгата со Меган, војвотката од Сасекс, до јавната расправија околу третманот на црномурестата основачка на добротворна организација, Нгоци Фулани, на приемот во Бакингемската палата, ова е трнлива тема.
Големината на предизвикот може да се забележи во анкетата на „Југов“, според која, луѓето од етничко малцинство имаат помала веројатност да ја поддржат монархијата. Од таа група, 40 отсто претпочитаат избран шеф на државата, а не монархија. Слично на тоа, луѓето од етничкото малцинство имаат поголема веројатност да мислат дека кралското семејство има „проблем со расата и различноста“, при што 49 отсто рекле дека мислат дека кралското семејство има проблем со тоа. Но ова е исто така прашање што влијае на односите надвор од Велика Британија, вклучувајќи го и Комонвелтот, каде што се поставуваат прашања за наследството на колонијализмот и ропството.
Дали Британците сакаат да се укине монархијата?
Севкупните наоди покажуваат широка поддршка за монархијата, заедно со значително малцинство скептици. Многу анкети во текот на годините откриваа нешто слично. Се чинеше дека популарноста на кралското семејство достигна кулминација околу 2011-2012 година, во ерата на свадбата на принцот Вилијам и Кејт и дијамантскиот јубилеј на кралицата. Во наредните години популарноста се намалуваше, како и со правот што се крена околу книгата на принцот Хари, „Резервниот“, објавена на почетокот на оваа година, но тоа не значи дека рејтингот нема да се поправи. Ќе зависи и од тоа колку младите ќе го задржат својот сегашен тренд на зголемен недостиг од ентузијазам за монархијата. Долгогодишното истражување на британското јавно мислење претходно покажа дека ставовите на луѓето имаат тенденција да станат посимпатични кон монархијата како што луѓето стареат. Новото владеење ќе се следи внимателно и со надеж дека тој тренд ќе продолжи.
Подготвил: Mарјан Велевски